Бранителот на трофејот Вардар славеше со 26:24 над ППД Загреб во финалето на седмиот завршен турнир на СЕХА-лигата, стигнувајќи до рекордната четврта титула во регионалното ракометно натпреварување и испраќајќи порака до Кил пред првиот дуел в недела во Германија од четвртфиналето на Лигата на шампионите.

Европскиот, регионален и македонски првак мораше да ги извади и последните атоми од силите во второто финале со загрепчани во Скопје за да им се реваншира за поразот по продолженијата во вториот фајналфор во 2013 година.

Клучен момент на средбата се покажа директниот црвен картон за Леон Шушња за ударот во главата на Игор Карачиќ во 50. минута при минимално водство на домаќинот од 21:20. Двете минути со играч повеќе на теренот „црвено-црните“ ги искористија за да се одлепат на 25:20, по што немаше повеќе враќање за хрватскиот шампион.

За четвртиот трофеј во СЕХА најзаслужни во победничките редови беа Даинис Криштопанс и Лука Циндриќ со по пет гола и Арпад Штербик со осум одбрани.

Прв стрелец на средбата беше Златко Хорват од ППД Загреб со осум погодоци (7/7 од седмерци).

Третото место го освоија ракометарите на Целје со победата во малото финале од 31:28 над Мешков Брест.

За најкорисен играч (МВП) на фајналфорот во Скопје е прогласен „моторот“ на Вардар, Лука Циндриќ.

Идеалната седморка на завршниот турнир во Скопје ја сочинуваат голманот Арпад Штербик од Вардар, левото крило Тимур Дибиров од Вардар, левиот бек Домагој Павловиќ од ППД Загреб, средниот бек Лука Циндриќ од Вардар, десниот бек Жига Млакар од Целје, десното крило Златко Хорват од ППД Загреб и пикерот Вјачеслав Шумак од Мешков Брест.

Најдобар дефанзивец на турнирот е Илија Абутовиќ од Вардар.