Вардар во „групата на смртта“ со европскиот првак Монпелје!

Ракометарите на Вардар не ги послужи среќата во денешната ждрепка за Лигата на шампионите, која ги смести во групата А заедно со бранителот на титулата Монпелје, од кој загубија со 28:27 во полуфиналето од завршниот турнир во Келн минатиот месец.

Покрај двократниот европски првак од Франција, на освојувачот на ЛШ минатата година противници ќе му бидат и поранешните клупски шампиони на стариот континент – рекордерот со девет титули Барселона и Кјељце.

Преостанатите ривали на носителот на групата и македонски првак се двократниот финалист во ЛШ, Веспрем, како и Рајн Некар Левен, Мешков Брест и Кристијанстад.

Во групата Б ќе се натпреваруваат Пари Сен Жермен, Пик Сегед, Флензбург, Скјерн, Загреб, Мотор Запорожје, Целје и Нант.

Македонскиот вицешампион Металург, пак, во групата Ц од долниот сегмент на ЛШ ќе ги одмери силите со Силкеборг, Спортинг, Бешикташ, Чеховски медведи и Татран Прешов.

Групата Д ја сочинуваат Висла, Адемар Леон, Елверум, Вакер Тун, Динамо Букурешт и Рихимен Кокс.