Ракометарките на Вардар го совладаа дебитантот Ростов-Дон со 25:19 и се изборија за реприза од ланското финале во Лигата на шампионите со бранителот на титулата Ѓер утре од 18 часот во Будимпешта.

Унгарките, кои во мечот за европската круна минатата година беа подобри од македонските првенки со 31:30 по продолженијата, во првиот полуфинален дуел на завршниот турнир во арената „Ласло Пап“ го совладаа ЧСМ Букурешт со 26:20.

Амандин Лејно, Андреа Пенезиќ и Андреа Лекиќ ставија најсилен печат врз новото европско финале, последно за овој состав на „црвено-црните“. Голманката Лејно уште во првото полувреме придонесе за водството од 10:7 со 11 од своите 18 успешни интервенции во средбата, со ефект од 50 проценти! Левиот бек Пенезиќ и средниот бек Лекиќ беа најефикасни играчи на натпреварот со по седум гола.

Вардар во 40. минута стигна до максимални 15:9, но потоа му дозволи на противникот со четири гола без одговор да се врати во игра. Во завршницата, сепак, дојде до израз искуството на тимот од Македонија, кому ова му е петти фајналфор, па со 5:2 во последните пет минути стави точка на своето второ финале едноподруго.