Со триумф и во реваншот од 32:25 против Митјиланд во СЦ „Јане Сандански“, ракометарките на Вардар изборија учество и на петтиот завршен турнир од Лигата на шампионите во почетокот на мај во Будимпешта.

Можни противници ќе им бидат Ростов-Дон, како и најверојатно Букурешт и Ѓер, кои имаат огромна предност од првите мечеви, а извлекувањето на полуфиналните двојки ќе се изврши во вторник.

Откако во првиот натпревар во Данска славеа со 24:23, македонските првенки во последниот настап пред својата публика сезонава рутински стигнаа до 13. сезонска победа во најсилното клупско натпреварување.

Триумфот го навести водството од 17:12 по првото полувреме, а го запечати серијата од 8:0 за максимални 13 гола позитива до средината на вториот дел.

Андреа Лекиќ со седум гола беше најефикасна кај „црвено-црните“, Пенезиќ постигна пет, а по четири Радичевиќ, Кузнецова и Лакрабер.