Вселенскиот патријарх Вартоломеј остро ја прекори Бугарска православна црква (БПЦ), оценувајќи ги како погрешни нејзините дејства во однос на Македонска православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА).

„Сакам да го поставам ова прашање, бидејќи сакам да бидам апсолутно искрен со вас. Оваа акција на сестринската Бугарска црква е погрешна. Тоа не помага. Тоа ги комплицира работите. Мајка-црква на сите балкански народи е Константинопол. Тоа го вели историјата. А она што се дискутира (идејата Македонската црква да ја признае БПЦ за црква-мајка – н.з.) е вештачки создадено мајчинство. Бугарија не може да ве воведе во канонизам, во канонски односи со другите цркви“, им се обрати Вартоломеј на студентите и на професорите од Православен богословски факултет „Свети Климент Охридски“ од Скопје, кои се на студиско патување во Истанбул и во Солун.

Поглаварот на Вселенска патријаршија ги покани скопските студенти често да ги посетуваат Константинопол и катедрата на првопрестолната црква на православието.

„Знајте дека ве сакаме и доаѓајте кога сакате во овој убав и историски град, каде што е дворот на Црквата-мајка од која и вие, и сите балкански народи, и Русија, ги примивте крштението и светлината на христијанството. Кога и да дојдете кај нас, во Константинопол, не треба да се чувствувате како туѓинци, како посетители на кои им укажуваме гостопримство, туку чувствувајте се како дома. Полагаме големи надежи за вас и за вашето служење во Црквата во иднина. Тоа важи и покрај одредени проблеми што постојат сега меѓу Грција и вашата земја и помеѓу вашата црква и другите православни цркви. Се надеваме на новата генерација теолози и свештеници, кои можат да помогнат во зајакнувањето на врските меѓу соседните народи и православни цркви. Ние денес, нашата генерација, ќе го направиме тоа што е можно за подобрување на состојбата, особено на нашата Вселенска патријаршија, која има усогласувачка улога во меѓуправославните прашања, а потоа вашата генерација ќе ја преземе штафетата и ќе продолжите, за да ги развиете и зацврстите овие добри врски меѓу нашите народи и цркви“, додаде патријархот Вартоломеј.

Тој на гостите од Македонија им подари книги за историјата на Вселенска патријаршија, како и официјални текстови на Светиот и Голем собор на Православната црква, по што заедно ручаа во патријаршиската трпезарија.

 

1 Коментар

Оставете Коментар