Велес се срами од “Солунските атентатори” гемиџиите Шатев, Мечев, Кирков….

Обид да се избегне провокација за Грција или друга политичка во позадината на одлуката со која се запира дведецениска традиција.

Општина Велес, ја стопираше манифестацијата- Вардарска регата „Гемиџии“, која оваа година, требаше да слави 20 –годишен јубилеј. Градот се откажа од манифестацијата, која е симбол и гордост на Велес, и ги поврзуваше минатото со сегашноста.

Од здружението на граѓани Вардарска регата „Гемиџии“ за Алфа велат дека иако на Советот на општината нивната програма поминала без проблем, најпрвин им било соопштено дека средствата во износ од 120 илјади денари ќе се намалат на 80 илјади денари. Потоа се покажало дека Велес не е способен да им ги додели ниту тие средства и сумата се намалила на 48 илјади денари за на крајот организаторите да не добијат буквално ништо.

Велешани одбиваат да го прифатат прифати образложението, дека општината Велес нема ниту минимални средства за одржување на регатата. Според нив, одлуката е штетна, кусогледа, погрешна, и директно го засега достоинството на Велес и велешани. Тие не сакаат да веруваат, дека самото името на регатата – “Гемиџии”, и симболот што таа го претставува, е основен мотив за нејзино укинување.

Вардарската регата „Гемиџии“, се одржува во чест на славните солунски атентатори, или гемиџиите, од 1903 година кои со серија самоубиствени напади на јавни објекти, во тогаш, најзначајниот европски град во османлиската империја – Солун, сакале да го свртат вниманието на Европа кон поробената Македонија а нивниот слоган бил „Се арчиме за Македонија“.

Гемиџиите биле млади интелектуалци на возраст од 18 до 22 години,од кој најголемиот дел биле од Велес: ЈОРДАН ПОП ЈОРДАНОВ-ОРЦЕТО, ДИМИТАР МЕЧЕВ-МЕЧЕТО, КОНСТАНТИН КИРКОВ, ИЛИЈА ТРЧКОВ, ВЛАДИМИР ПИНГОВ, ГЕОРГИ БОГДАНОВ, МИЛАН АРСОВ, ПАВЕЛ ШАТЕВ и МАРКО БОШНАКОВ .

SHARE