Владата ќе следи и ќе реагира на лажните вести на социјалните мрежи за молкот

Владата за време на молкот пред референдумското изјаснување на 30 септември ќе ги следи информациите што се пласираат на социјалните мрежи и доколку утврди дека тие претставуваат лажни информации и пропаганда, на своите официјалните комуникациски канали на социланите мрежи ќе соопшти дека се неточни со цел да спречи да влијаат манипулативно врз граѓаните.

Владиниот портпарол, Миле Бошњаковски на денешната прес-конференција, укажа на искуството кое, како што рече, покажало особено за време на јавната кампања, нагласено присуство и ширење на лажни вести, дезинформации и говор на омраза, како и креирање на вести врз основа на полуинформации, што, вели, претставува длабоко поткопување на демократските процеси во државата, ширење на дискриминација и омраза на штета токму на граѓаните, како и дискредитација на институциите.

Тој посочи дека Владата во согласност со принципот за добро владеење и во насока на тоа дека е засегната страна во процесот на референдумот, ќе го почитува предреферендумскиот молк и ќе се воздржи од активности кои имаат поврзаност со референдумот и со изјаснувањето на граѓаните во наредните 48 часа почнувајќи од полноќ.

– Согласно препораките на Советот на Европа, ОБСЕ и други меѓународни организации со цел обезбедување заштита на слободата на изразувањето и за сузбивање на лажните вести и пропаганда сакаме да укажеме дека Владата е целосно свесна дека просторот на социјалните медиуми е изложен на креирање на лажни вести и дезинформации со цел обид за манипулација на граѓаните на РМ. Имајќи ја предвид штетата врз јавниот интерес која може да настане од лажна пропаганда во текот на референдумскиот молк, Владата најавува дека нема да дозволи граѓаните да бидат изложени на лажни вести. Ќе ги проверува фактите и ќе ги презентираме како Влада пред граѓаните на РМ, рече Бошњаковски.

Имено, додаде, во текот на референдумскиот молк секоја објава која ќе биде детектирана дека е лажна или е дезинформација или, пак, е полувистина ќе биде на почетокот соодветно идентификувана и ќе биде објавено дека истата е неточна на официјалните комуникациски канали на Владата: на твитер профилот @portparolnavrm, како и на официјалната фејсбук-страница на Владата, рече портпаролот Бошњаковски.

Тој упати апел и до граѓаните сите вести и информации за време на молкот да ги примаат со посебно внимание, да обрнат внимание на изворите од каде доаѓаат информациите и да прават проверка на секоја вест која им изгледа невообичаена и сензационалистички.

SHARE

Comments are closed.