Владата молчи за скандалот со орденот на Заев од лажниот црногорски принц

Стефан Чернетиќ, човекот познат како лажниот принц на Црна Гора и Македонија, на својот фејсбук профил објави фотографии како му доделува орден на премиерот Зоран Заев.

Владата молчи за лажниот принц.

Како што објавил Чернетиќ, тој на 15 септември, во саботата, имал средба со премиерот во зградата на Владата, пренесува денешен.мк.

Чернетиќ постирал и фотографии од пред зградата на Владата и напишал:

„Бевме љубезно поканети оваа недела во Скопје за да дискутираме за дипломатски проекти во Палатата на Владата. Македонија расте толку бргу и е одлична прилика за инвеститори, туризам и бизнисмени“, напишал Чернетиќ.

Лажниот принц објавил и линк од сајтот golfpeople.eu , на кој е објавена вест со фотографија од неговото семејство со премиерот на Македонија.

Чернетиќ, како што може да се види од неговиот фејсбук профил, со своето семејство, сопругата и синот, е во посета на Македонија.

Чернетиќ цели шест години успешно лажел дека е принц на Црна Гора и Македонија, а всушност е новинар и гастрономски критичар.

Тој тврдел дека доаѓа од лозата Чернетиќ и дека покрај Црна Гора и Македонија има задолженија и во Србија, Албанија, Војводина, но и во Константинопол, Романија и во Грција.

На Фејсбук поставувал фотографии од писма од Доналд Трамп, како и часовник што наводно е подарок од Владимир Путин. Исто така велел дека е сопственик на голем број недвижни имоти во државите каде неговото семејство владеело.

Лани, лажниот принц беше уапсен во Италија поради тоа што во едно елитно одморалиште во Фусини, „принцот” направил огромна сметка, која менаџерот потоа ја проследил во Амбасадата на Македонија во Италија. Оттаму пристигнал одговор дека „ние немаме принц, а сигурно не го делиме со Црна Гора”.

Стефан Чернетиќ, прогласувајќи се самиот за принц, успеал да измами градоначалници, свештени лица, кралеви, а една од жртвите била и Памела Андерсон. Таа веднаш се пофалила за средбата со него на социјалните мрежи.

Со помош на лажниот идентитет, успеал да влезе во светот на елитата, со познатите и богатите. Присуствувал на елитни забави, гала- настани како и спортски случувања како што се трките на Формула 1 во Монако.

SHARE