Влахов до Колбе: Не шири расизам, и не го симплифицирај проблемот со името

Во текстот „За Колбе, за името и за договорот“, македонскиот активист Ѓорѓи Влахов регира на текст на македонскиот публицист Кица Колбе која што го брани договорот а кој јавно го пофали премиерот Заев, вели дека работите требда не се поедноставуваат туку да се анализира сета комплексност на состојбите.

Целата анализа на Влахов:

Во врска со последниот договор помеѓу Република Македонија и Република Грција за името, еден претставник на македонскиот дипломатски кор укажа дека она што е, всушност, потпишано и толкувањата на документот коишто политичарите ги презентираат пред својата јавност, се две сосема различни работи.

Статијата на Кица Колбе под наслов „За името Македонија, за договорот“, објавена на 14 јуни 2018 година на повеќе портали, дава толкување кое е со позитивен спин согласно ставот на македонската влада. Текстот беше широко споделуван на социјалните медиуми, особено од оние кои со наклонетост гледаат кон договорот.

Колбе го започнува текстот со потсетување на читателите дека првиот македонски Претседател, Киро Глигоров, потпишал договор со кој се обврзал дека ќе се преговара за името, за да во продолжение имплицира дека токму од тој момент промената на името станала неизбежна. Ова е прилично симплифицирано и приземно, па и погрешно гледање на нештата.

Можеме да одговориме на подеднакво поедноставен начин, а сепак да бидеме поблиску до вистината, на следниов начин: да, Глигоров стави потпис, но стори грешка потпишувајќи договор којшто е во фундаментална спротивност со основите на правото на суверенитет и правата на македонските граѓани. Освен тоа, неколку експерти од полето на меѓународното право веќе објаснија дека оригиналниот договор е во спротивност со правилата на ОН, поради што би можел да биде поништен во соодветна правна постапка.

Очигледно, промената на името не беше неизбежна, но факт е дека сите македонски влади, како и самиот Глигоров, не успеаја на одговорноста што ја имаат спрема државата и граѓаните на Република Македонија. Фактот што овие очевидно релевантни нешта Колбе сосема ги игнорира, покажува дека нејзиниот текст не е ништо повеќе од емоционален спин креиран за да послужи на владината интерпретација на договорот.

Во продолжение, Колбе дава серија сосема неподржани тврдења за тоа како наводно Глигоров е позитивно перципиран токму од оние коишто го отфрлаат новиот договор. Сепак, таа точно заклучува дека Глигоров бил „наивен“ што поверувал дека спорот може да се реши во рок од три месеци. Колбе се обидува да објасни зошто се фокусира на Глигоров.

Таа укажува дека политичките животи на Глигоров и на Борис Трајковски на извесен начин ја потсетуваат на проблематичното минато на Македонија (од Балканските војни во 1912-13 до денес); тоа минато, според Колбе, и натаму продолжува да игра голема улога во детерминирањето на иднината на Македонија.

Ова тврдење, во одреден степен, дури може и да се прифати, но сосема е неприфатлива тезата дека во него лежи оправдувањето за потпишување на договор, кој е во спротивност и со основите на меѓународното право и со елементарните етички стандарди. Ваквата аргументација имплицитно води кон еден вид на историски детерминизам, што е екстремен и неодржлив. Како што веќе споменавме, постојат правни алтернативи кои можеа, а и сѐ уште би можеле да се искористат. Сите македонски влади потфрлија во поглед на својата водечка улога во оваа смисла, но битно е дека таква надлежност за отворање на такви правни можности дефинитивно постои. Дискурсот на Колбе е, затоа, обид да ги доведе во заблуда нејзините читатели, имплицирајќи дека договорот за името е нешто налик на неизбежна природна појава, како што е земјотресот.

Понатаму, Колбе тврди дека „јадрото на Македонија“ или на Република Македонија (не е сосема јасно што таа подразбира под оваа фраза), е во македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Колбе би можела да биде обвинета за расизам поради ваквата изјава – Македонија, имено, опфаќа и други етнички групи и јазици. Иронично е што самопрокламираните Македонци антинационалисти, така ентузијастично ја споделуваат статијата на Колбе на социјалните мрежи. Сепак, нејзината цел е јасна и се состои во обезбедување легитимација за аргументот дека новиот договор треба да се поздрави, бидејќи – според неа – тој го зачувува македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Ова е проблематично тврдење на кое ќе се навратиме подоцна.

Прво, треба уште еднаш да ја нагласиме непрецизноста на Колбе, бидејќи „јадрото“ на една национална држава, меѓу другото, нужно го вклучува и правото на самоименување. Колбе како да се обидува да го ублажи ударот, тврдејќи дека екстремните грчки националисти сакале зборот ‘Македонија’ сосема да го избришат од името на Република Македонија, па токму затоа на договорот треба да се гледа како на чудесна победа.

Браво! Најекстремните расисти во Грција не го добија тоа што го бараа, па Македонија успешно се договори со „умерените“ расисти! Вистината е дека граѓаните на странска држава им ги одземаа правата на македонските граѓани. Колбе го признава ова експлицитно, но го релативизира со тврдењето дека вистинскиот страв отсекогаш бил дека промената на името на земјата би довела до промена на идентитетот на Македонците.

Во чие име зборува Колбе кога го тврди ова? Дали располага со некаков доказ дека најголемиот број од нејзините сограѓани го споделуваат ваквиот поглед на прашањето? Не, ниту еден! Таа едноставно ги проектира своите чувства, нејзините гледања, врз нација од два милиони жители. Да повториме, нејзиното тврдење гласи: Македонците не се грижат ако го загубат името на својата земја сѐ додека тоа не значи грубење на нивниот идентитет како Македонци. Таквото тврдење непоткрепено со ниту еден доказ е, благо кажано, дрскост. Нема сомнеж дека голем број граѓани на Република Македонија се загрижени за заштитата на своите права многу повеќе од Колбе. Таа се спушта уште подолу, преку директно или индиректно, па и навредливо реферирање на тие Македонци како на „нереалистични“ и „патетични“. Тоа што во секојдневниот говор Македонците честопати зборуваат за Вардарска, Пиринска и Егејска Македонија е сосема нерелевантно; промената на името, доколку дојде до неа, нема да биде прашање на слободен избор по слободна волја, туку навредливо надворешно наметнување.

Во поглед на ова, честопати сме слушале како некои граѓани на Република Македонија ќе прошепотат пцости кон дијаспората на Македонците низ светот која се противи на промената на името, при што им се порачува на нејзините припадници дека, штом веќе не живеат во Македонија и веќе не се нејзини граѓани, немаат право да зборуваат за името на Република Македонија и слично. Оваа логика би можела да биде прифатена, но запрепастувачка контрадикција, за којашто тие, се чини не се ни свесни, тоа е што нивната позиција, по дефиниција, значи прифаќање дека друга група на не-граѓани/не-жители на Република Македонија, односно граѓаните на Грција имаат право да одлучуваат за името. Ваквата неконзистентност не заслужува посебно внимание. (Тука вреди да се напомене дека Колбе живее во Германија.)

Кога сме веќе кај неконзистентноста, би бил мој голем пропуст кога би го применил зборот неконзистентно на следното вџашувачки апсурдно тврдење на Колбе: „Македонскиот јазик и македонскиот идентитет се името на државата“. Колку што подолго гледав на таа емоционална, бесмислена реченица, толку повеќе се прашував: како е можно разумни луѓе да го промовираат овој текст!?
Тоа се однесува на едно прашање на кое мораме сега да се навратиме, а тоа е прашањето на македонскиот идентитет и јазик. Гледајќи од позитивен аспект, се согласувам со Колбе во делот во кој таа вели дека тоа би било горчливо апче за грчките преговарачи. Но, дури и во тој контекст не можам сосема да се согласам со неа. Токму тој дел од договорот е амбивалентен и нејасен.

Членот 7 став 4 гласи: Втората страна укажува дека нејзиниот официјален јазик, македонскиот јазик, спаѓа во групата јужнословенски јазици.

Владите на двете земји веќе искажаа различни ставови во врска со оваа навидум едноставна реченица. Претставниците на грчката влада тврдат дека во меѓународните институции, како ОН, кај ознаката за македонскиот јазик ќе стои фуснота со соодветната информација. Македонската влада, пак, го негира ова, па така не знаеме кому да му веруваме. Ова е значајно прашање, и ако е грчката страна во право, тоа би значело дека ќе се воведе практика која квалификува природа на еден јазик на начин без преседан кога се јазиците во прашање.

Внимавајте, ова нема никаква врска со точноста или неточноста на информацијата за тоа дали македонскиот јазик е јужнословенски или не; овде станува збор за еднаквост во третманот на еден јазик.

Понатаму, од фундаментално значење е што, како и во случајот со многу меѓународни договори, целосната суштина на овој договор нема да биде позната сѐ до моментот на неговата ратификација, стапување во сила и спроведување. Ова е уште една сериозна грижа, доколку македонската влада одлучи да распише референдум, на кој граѓаните нема да знаат за што точно гласаат.
Многу поголема е амбивалентноста по прашањето на идентитетот.

Член 1. став 3б гласи: The nationality of the Second Party shall be Macedonian/citizen of the Republic of North Macedonia, as it will be registered in all travel documents. Во превод: Националноста на Втората страна ќе биде Македонци/граѓани на Република Северна Македонија, како што ќе биде запишано и во патните документи.

Повторно, Скопје и Атина излегоа со различни толкувања. Сепак, на прв поглед, идентитетскиот маркер Македонски/Macedonian не е сочуван, туку е заменет со чудна композиција Македонци/граѓани на Република Северна Македонија и не е веројатно дека ќе стане јасно кој е во право сѐ додека договорот не се ратификува и имплементира, а тогаш, се разбира, ќе биде предоцна да се искаже каков и да е приговор. Како и во случајот на јазикот, владата има сериозна обврска да го разјасни ова прашање веднаш.
Оваа кратка дискусија нема намера, ниту може да ги исцрпи сите проблематични прашања кои си покренува договорот.

Колбе посакува нејзините читатели едноставно да го прифатат договорот врз основа на нејзиното гледање на прашањата за јазикот и идентитетот. Меѓутоа, не се само тие две прашања неразјаснети, бидејќи договорот содржи многу повеќе нејасности: од економските и трговските ознаки, прашањата за ограничувањето на слободата на говорот, разрешувањето на споровите, па дури и одредба за тоа како историјата треба да се подучува во секоја од земјите. На пример, одредбата која се однесува на историјата навидум им дозволува на двете страни да имаат еднаков инпут. Но, таквото гледиште го игнорира член 7 став 2, во кој Република Македонија ги прифаќа хеленската цивилизација, историја, култура и наследство на тој регион од антиката до денес.

Со други зборови, Македонската страна го прифаќа грчкиот национален мит за континуитет од антиката до современоста, што значи дека ќе остане многу малку за што македонските преговарачи ќе можат легитимно да предложат во поглед на евентуално ревидирање на начинот на кој се изучува националната историја на Грција. Се чини дека гордите грчки и македонски антинационалисти допрва треба да изразат спротивставување на таквата одредба. Се поставува прашање дали Колбе воопшто и го прочитала целиот договор, а доколку го сторила тоа, тогаш сигурно не би ги напишала следните зборови „Тие треба сега да ја „разоружат“ националистичката пропаганда од обете страни на границата.“ Бидејќи, договорот секако не го дозволува тоа на грчката страна на границата.

Да заклучам, македонските поборници и подржувачи на овој договор треба да понудат многу повеќе од текстот на Колбе, и тоа за двете страни, и ЗА и ПРОТИВ, со помалку популизам, а со повеќе анализа на деталите. Со други зборови, двете страни треба многу повеќе да го вклучат разумот, бидејќи не се исплатува да се биде емоционален за политиката. Останува надежта дека дебатите ќе се водат со взаемен респект, иако веќе првите сигнали покажуваат дека македонското општество веќе тргнало кон остра поларизација, што е уште една причина повеќе за македонската влада да ги преиспита сериозно своите политики и практики.

Ѓорѓи Влахов – Мелбурн, Јуни /2018

P.S. Во сите медиумски расправи во поднос на договорот, не видовме ниту едно објаснување кога грчкиот парламент би требал да одлучува за прифатливоста на овој договор, при што не мислам на ратификацијата. Без оглед дали е некој за или против овој договор, треба да постои општа согласност дека Република Македонија не би требала да мине низ една траума само за да на крајот сфати дека тој бил непотребен затоа што грчкиот парламент одлучил да го отфрли договорот. Би било мудро доколку македонската влада инсистира барем по ова прашање.

1 Коментар

Comments are closed.