ВМРО-БНД до Вартоломеј за МПЦ-ОА: Ваша светост, не сте во право

Партијата ВМРО-Бугарско национално движење на вицепремиерот и министер за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов, со специјална декларација му реплицира на вселенскиот патријарх Вартоломеј за изјавата од средата дека БПЦ греши за МПЦ-ОА, оценувајќи го тоа како „вештачки создадено мајчинство“, бидејќи, според него, мајка-црква на сите балкански народи е Константинопол.

„Ваша светост, не сте во право дека Цариградска патријаршија е духовен лидер на Балканот. Народите на Балканот уште од средновековието наваму претпочитаа свои народни, независни и сестрински цркви. Тоа е одраз на длабокиот демократизам на луѓето во овој агол на светот.

Затоа, денес, со меѓусебно почитување, треба да Ве потсетиме дека паството претставувано од Вас е минимален дел од христијанскиот свет. Со огромна почит за тие што потпаѓаат под диоцезата на црквата претставувана од Вас, ние Ви напомнуваме, за да не заборавите, дека Вашите претензии за духовно водство во православниот свет се изнасилени.

Не само Вашите, туку секакви слични претензии се неосновани. Во православниот свет – слава му на Бога – нема лидерство, но има великодушност. Таа великодушност денес нè тера да им помогнеме на нашите истоверни браќа во Македонија.

Добро знаете (како наследник на патријарсите во Цариград) дека долго време Охридска архиепископија беше бугарската црква на Балканот – именувана така и според волјата на Цариград. Затоа, природната црква-мајка на денешна Македонија е Бугарска православна црква-Бугарска патријаршија.

Но, ние предлагаме мајчинска великодушност и им дозволуваме на нашите браќа во Македонија духовна самостојност. Спротивно на тоа, Вие предлагате лидерство, потчинетост и покажувате недостиг на смирение и христијанска љубов. Простете, Ваша светост, но грешите. Ние го покажуваме правилниот модел – од христијанска, човечка и народна гледна точка“, се вели во реакцијата од ВМРО-БНД, која е дел од владејачката коалиција на премиерот Бојко Борисов.

 

Оставете Коментар