Внимание: Што со старите телефони и телевизори?

„Ако не се поправаат, рециклирај!“

Дали сè уште ги чувате старите телефони, телевизори или лаптопи? Што со старите шпорети, бојлери, замрзнувачи? Ако не ги користите или нивната поправка чини повеќе од купувањето нови, тогаш треба да ги рециклирате, исто како и пластичната амбалажа, хартијата или лименките, но на поинаков начин и на законски определени места.

Во Македонија годишно се создаваат над 15.000 тони отпад од електронска и електрична опрема, којашто треба соодветно да се депонира и процесира за рециклирање, бидејќи во спротивно, штетните и канцерогени состојки коишто ги содржат, ризикуваме да ни се вратат назад од депониите, преку почвата и воздухот.

Она што е важно е дека, место во комуналните депонии и кај „старо купуем“, потребно е да се јавите кај т.н. колективни постапувачи со посебни текови на отпад кои бесплатно ќе ги подигнат погабаритните уреди и ќе ги депонираат на законски утврдените места. Помалите апарати и уреди, можете да ги вратите директно кај продавачите на истите. Тие ги собираат отпадните уреди кои произлегуваат од нивните производи и понатаму ги доставуваат до компаниите кои ги подготвуваат за рециклирање. Сето ова е регулирано со закон, но и казнени мерки бидејќи секое непрописно депонирање и рециклирање на овој вид на отпад предизвикува голем број штетни последици за човековата околина и здравје.

Опасности по човекот и животната средина!

Рециклирањето на отпадот од ЕЕ опрема подразбира правилно постапување и одвојување на сите делови што можат да се преработат и употребат, од оние отровни делови за коишто е потребна соодветна постапка. Ако се остават во обичните депонии, со текот на времето тие ќе истечат во земјата и во подземните води или пак преку испарување ќе го загадат воздухот.

Таквите ризични состојки се на пример живата, која ја има во прекинувачите, термостатите и флуоресцентните светилки, понатаму, оловото, кадмиумот, и разни други халогени супстанции, како што се хлорофлуороалкани (CFC), бифенили (PCB), поливинил хлорид (PVC) и бромовани успорувачи на горење на пламен во пластиката, како и азбестот и арсенот.

Според истражувањата утврдено е дека во водата, која се исцедува од складираниот отпад во депониите, се раствораат значителни количества на олово од скршено стакло, како што е стаклото од катодните цевки на телевизорите, компјутерските монитори, видеокамерите, АТМ и сл. уреди. Искористената електроника е причина за 40% од оловото пронајдено во депониите. Главната загриженост во однос на присуството на олово во депониите е можноста тоа да предизвика загадување на резервите на водата за пиење*.
Исто така, при појавата на неконтролирани пожари во депониите, постои опасност од испуштање метали и други високо токсични хемиски супстанции.

Енергетски заштеди!

Како придобивка од рециклирањето на материјалите од овој вид отпад, се високите енергетски заштеди за производство на оригиналниот материјал. На пример кај алуминиумот добиен преку рециклирање, заштедата на енергија е дури 95%, кај бакарот – 85%, a за: железо – 74%; олово – 65%; цинк – 60%; пластика – 80%. Се штедат енергијата, но и природните ресурси за нивно добивање.
Оттука, ако имате нефункционални електронски и електрични уреди, не чекајте, вклучете се во акциите за нивно безбедно собирање и рециклирање, организирани од колективните постапувачи, увозниците и производителите на оваа опрема. Само на таков начин и сите заедно можеме да ја зачуваме и заштитиме од загадување природата и животната средина.

* Извор на податоците: „План за управување со отпад од електрична и електронска опрема во Република Македонија со физибилити студија за период од 2013-2020“ на Министерството за животна средина и просторно планирање

SHARE