Во Италија уапсен македонски член на “Кумановската група” поврзан со Коза Ностра

Италијанската полиција уапсила 17 членови на парамилитантна организација од кои 8 се странски државјани на Македонија, Косово и Германија. Осомничените шверцувале оружје и дијаманти, организирале шверц со мигранти а соработувале со Сицилијанската мафија Коза Ностра (Наша работа).

Во групата има најмалку еден македонски државјанин за кои италијанските власти тврдат дека поседувал кратко и долго воено оружје и бомби, кои пред кратко време ги продал на други субјекти на Балканот.

Еден од уапсените во моментов е баран со потерница од страна на Македонската полиција за наводно членство на парамилитарна група која потекнува од распуштената УЧК на Косово.

Парамилитарната група според италијанските власти била инволвирана во вооружен напад во Куманово во мај 2015 година во кој загинаа 8 полицајци и десетина членови на групата.

Италијанската полиција две години ги следела контактите меѓу Коза Ностра и парамилитантната организација која е активна на Балканот, објави обвинител од одделот за борба против мафијата во Палермо кој координирал со акцијата.

Сите уапсени од страна на оталијанската воена полиција се обвинети за транснационално криминално здружување, шверц со мигранти преку балканската рута, трговија со оружје и перење пари.

Според истрагата се работи за две различни оперативни структури кои што функционирале независно една од друга но сепак претставувале една организација поради што дури по две години италијанските власти успеале да ја завршат истрагата.

Во истрагата биле вклучени правосудни органи од неколку балкански земји меѓу кои и од Македонија.