„Воинот на коњ“ магнет за романските ракометари

Споменикот на Александар Македонски, официјално наречен „Воин на коњ“, во центарот на Скопје привлече дел од машката ракометна репрезентација на Романија да се слика пред него во пресрет на вечерашниот прв натпревар со Македонија од баражот за Светското првенство 2019 во Данска и Германија.

Романскиот селектор Хавиер Пасквал, воедно и тренер на Барселона, за дуелот од 20:30 часот во салата „Борис Трајковски“ во составот ќе има тројца дебитанти – Алин Рошу од Стеауа, Михаи Бујор од Васлуи и Калин Кабут од Минаур Баја Маре. Во однос на последниот квалификациски меч со Украина (26:26) нови имиња се и Мариус Мокану, Тудор Станеску и Валентин Јонеа. Тие ќе ги заменат повредените Чике Онјеџекве и Кристи Феничи, како и изоставените Нику Негру, Јонуц Јанку, Роланд Талмаер и Драгош Соаре.

Македонскиот селектор Раул Гонзалес, пак, на Романците ќе им се спротивстави со Митревски, Ристовски, манасков, Велковски, Стоилов, браќата Лазарови, Талески, Миркуловски, браќата Маркоски, Прибак, Георгиевски, Кузмановски, Поповски и Пешевски.

Македонија е фаворит на хартија како 11. на последното Европско првенство во Хрватска, осминафиналист на СП 2017 во Франција и редовен учесник на еврошампионатите од 2012 година наваму, наспроти Романија, чиј последен мундијал беше Шведска 2011, а на ЕП нема настапено уште од 1996 година.

Реваншот е в среда во Клуж-Напока.

 

Оставете Коментар