Време на одлука во Њујорк, нема време ни за ручек – пишува Горан Момироски

Тешки и мачни разговори се водат денеска во Њујорк меѓу медијаторот Нимиц, и двајцата министри за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕиас.

Разговорите што започнаа околу 10 часот по локално време не се прекинати ни поради пауза за ручек, според информациите од Њујорк предвидената пауза за ручек се претворила во работен оброк на кој што продолжуваат разговорите.

Според процедурата медијаторот Нимиц треба да одлучи кои од позициите на двете земји ќе ги прифати како прифатливи и за Скопје и за Атина по што треба да склопи еден заеднички предлог, но според сегашната ситуација сеуште таквата разврска е далеку.

Медијаторот речиси извесно нема да даде предлог за кој знае дека нема да биде прифатлив за една од страните.

Според информации од извори блиски на грчката преговарачка екипа, Коѕиас во Њујорк настапува со позиција дека Грција искрено сака да се реши спорот и дека предлогот Илинденска Македонија е добар како основа на која што треба да се гради идното решение но дека мора да се направат дополнителни отстапки за да се затвори прашањето.

Добрата воља која што Грција сака да ја претстави и во Њујорк и во Берлин, Париз и Брисел каде што Коѕиас патува по Њујорк беше најавена во анализа на агенцијата Ројтерс објавена на неколку часа пред средбата во „Големото јаболко“.

Грција сака да покаже дека навистина е заинтересирана да го реши проблемот пред светската јавност, особено по телефонските повици од Пенс и Меркел и откако Македонија го прифати контроверзното решение „Република Илинденска Македонија“.

Најновите позиции на Атина откако го отфрли предлогот Илинденска е истиот пакет кој што Македонија веќе го прифати во саботата по лидерската средба да се аплицира на другите 4 предлози на медијаторот: Нова, Горна, Вардарска и Северна. Предлогот Република Македонија – Скопје (Скопје) за Грција не е прифатлив.

Практично Грција бара Македонија да прифати уставни измени и Ерга Омнес но наместо Илинденска Македонија да прифати да се именува како Горна.

Ваквите позициите Коѕиас ги образложува со острите реакции на грчката јавност и едногласното одбивање на македонскиот предлог од страна на опозицијата. Коѕиас пред Нимиц се брани дека без поддршка од опозицијата СИРИЗА нема доволно пратеници за договорот да може да биде прифатен во грчкото собрание.

И покрај тоа што Премиерот Заев најави дека Грција прифаќа чисто решение за јазикот кој треба да биде Македонски со англиска транскрипција macedonian, тоа според грчки извори не е точно претставување на ситуацијата. Сеуште има долг пат да се изоди до надминување на овие проблеми кои што можат да бидат помалку тешки но само доколку се решат „големите проблеми“ за кои сеуште нема договор.

Прв сигнал дали преговорите се во вистински правец и има напредок ќе биде информацијата дали тие ќе продолжат и во текот на утрешниот ден. Според информациите од Њујорк засега нема официјална најава дека Нимиц, Димитров и Коѕиас ќе се сретнат и утре.

SHARE

Comments are closed.