Време на сонце и глупава смрт – Пишува Горан Момироски

Времето на сонце во многу земји градови и села е причина за радост, зголемена енергија и оптимизам. Крајот на зимата и кај нас носи позитивно раздвижувања, но за жал не и само тоа.

Почетокот на сончевиот дел од годината кај нас носи и многу семејни трагедии, тешки повреди и тешки животни последици. Причините се во тоа што со сонцето по улиците излегуваат и “стопееските”, Јамахите и Веспите за кои во најголем дел не се подготвени ниту нивните возачи, ниту улиците, ниту другите учесници во сообраќајот а богами ниту МВР.

Со нашето ниво на сообраќајна култура во која пешакот е маргинализиран, моторџиите се “курчат” а голем дел од автомобилистите би поминале и на црвено за да заштедат 15 грама бензин што го трошат чекајќи на семафор, да се вози мотор е огромен ризик.

Тоа го покажуваат и бројките и познатите случаи како Коста “Бас”, сопственикот на познат сервис од Скопје, триесетгодишниот Кочанчанец, 24 годишниот Прилепчанец и многу други што ги загубија животите на овој начин во последниве години.

Многу често без никаква вина.

Мирниот Коста почина од последица на повреди возејќи 20 на час кога возачот од паркирано возило ја отворил вратата пред него.

Во одредени периоди од годината (пролет – лето) во центрите за интензивна нега или кома центрите во најголемите клиники имаат и до 40 насто повредени пациенти, жртви на мотоциклистички инциденти.

Со оглед на тоа што се работи за пасија комбинирана со недисциплина и желба за самопокажување, да се апелира мотоциклистите да внимаваат звучи како плукање низ ветер.

Затоа апелот е упатен до возачите на автомобили, да бидат толерантни со своите колеги по тркала.

И пред се апелот е до МВР. Да ги казнува сите што не ги почитуваат правилата. И да ги спаси од смрт. Да не зборуваме за малолетниците кои без заштитен шлем и без никаква дозвола возат бесно, особено по приградските населби каде што полиција нема ни за лек.

P.S.

Кога на еден пријател му кажав за што ми е следната колумна ми рече “батали тоа ти си озбилен новинар за тешки теми, фати името, разговорите Виена. Имаш суштински статус на Фејсбук а трошиш време на колумна за мотори. Нема лек за тоа народот е збудален”. Шокиран што некому десетици загубени животи или стотици целосно уништени животи му се “мала тема” си заминав без збор. За мене секој загубен живот е поважен од Нимиц, Коѕиас или Димитров и нивните лажни надежи и условни напредоци.