Временска дупка во анкетата на ТВ Телма и МЦМС спроведена од „Проспект-М“

Сериозни сомнежи за фингирана анкета се појавуваат во јавноста по резултатите кои неделава ги објавија Телма, МЦМС и агенцијата „Проспект-М“.

Сомнежот се појавува во делот за телевизискиот дуел помеѓу Заев и Мицкоски кој според истражувањето го гледале 55.6 отсто од испитаниците во анкетата, додека 44.3 отсто не го гледале.

Според 40.6 отсто од граѓаните кои биле анкетирани, Зоран Заев бил подобар во дуелот, додека за Мицкоски се одлучиле 35.5 отсто.

Десет отсто од испитаниците одговориле дека и двајцата биле еднакви во дуелот.

Резултатите како што беше официјално објавено се утврдени врз основа на телефонска анкета со 1052 испитаници спроведена во периодот од 15ти до 23ти мај оваа година.

А Токму датумот е главна причина за сомнежот околу испитувањето на јавното мислење кое опфати десетици прашања поврзани со работата на владата, рејтингот на партиите, институциите и политичарите.

Главниот проблем за веродостојноста на анкетата се поврзува со терминот во кој граѓаните дале оценка кој победил или загубил во ТВ дуелот меѓу Заев и Мицкоски кој се одржа на 23 мај денот кога според Телма, МЦМС и Проспект – М анкетата веќе била завршена.

Поточно, теоретски со оглед на тоа што ТВ дуелот заврши околу 23 часот, можно е агенцијата да се јавила на 1052 испитаници во рок од 60 минути но сепак малку е веројатно дека било која сериозна агенција би вознемирувала граѓани на нивните приватни телефони во доцните вечерни часови кога најголем број на граѓаните веќе спијат.

За ова прашање постојат неколку логични одговори и еден крајно сомнителен.

Прво дека тимот на агенцијата Проспект – М (во најдобар случај кај вакви анкети работи тим од 10 анкетари) во периодот од 23 до 24 часот на 23 мај во една минута анкетирала по 17,5 луѓе на кои што им се претставувала целта на јавувањето, ја објаснувала целта на анкетата, го поставувала конкретното прашање со можните одговори и го запишувала одговорот. Вообичаено за целата операција доколку луѓето не спијат се потребни меѓу 3 и 5 минути.

Во овие јавувања пред полноќ според анкетата биле поставени не едно туку најмалку две прашања.

Втората опција е дека агенцијата пред полноќ ангажирала стотина луѓе кои што во еден час разговарале со 1052 испитаници.

Третиот логичен одговор на кој може да се вадат трите фактори кои стојат зад анкетата е евентуално продолжување на истражувањето по 23 мај со цел специфично да се утврди јавното мислење за ТВ дуелот Заев – Мицкоски.

Доколку се решат за третата опција анкетата ќе мора да биде целосно повлечена затоа што со оваа грешка при презентацијата се создава сомнеж дека освен овој случаен или намерен пропуст во испитувањето има и други аномалии кои што влијаат на резултатите.

Опцијата која кај дел од јавноста фрла најголем сомнеж на веродостојноста на анкетата е можноста таа воопшто да не била спроведена туку резултатите да биле дадени “од ѓутуре”.

Иако се работи за влијателен медиум, релевантна невладина организација и искусна агенција сепак и оваа опција е теоретски можна.

За расчистување на сите дилеми и сомнежи во јавноста нарачателите и спроведувачот на анкетата можат да ги објават телефонските изводи и логови од разговорите со испитаниците со што ќе се зачува целосно веродостојноста на резултатите од анкетата и ќе се елиминираат шпекулациите дека анкетата е “наместена”.