Емил Павлов вторпат во кариерата имаше привилегија да ја слуша македонската химна на Европско првенство во карате, овојпат на 53. ЕП во Нови Сад, каде што го освои златниот медал во борби во категоријата до 60 килограми.

„Ова е мојот живот!!! Живеам за овој момент! Вторпат сум европски шампион. Ви благодарам на сите за поддршката – на репрезентацијата, на семејството, на пријателите и на мојот тренер“, напиша 25-годишниот штипјанец на својот профил на „Инстаграм“.

Европскиот шампион од Тампере 2014 во финалето славеше со 3:1 над Италијанецот Анџело Крешченцо, а на патот до континенталната титула ги помина и Доминик Имрих од Словачка со одлука на судиите по 1:1 на крајот од борбата, потоа Јасин ел Атар од Холандија со 6:2, Ненад Дуловиќ од Црна Гора со 3:2 и Калвис Калнинс од Летонија со 5:2.

Големата надеж на Македонија за медал од Олимписките игри 2020 во Токио, каде што каратето ќе дебитира како олимписки спорт, има и бронза од ЕП 2016 во Франција и од Светскиот куп 2014 во Словенија, а во 2014 година во Македонија стана балкански првак.

 

 

SHARE