Кој го намести (Who framed) Зоран Заев? – пишува Горан Момироски

Насловот на оваа кратка колумна која повеќе има за цел да постави прашања отколку да открие нешто, е позајмен од култниот филм на режисерот Роберт Земекис од 1988 година со наслов “Who Framed Roger Rabbit” или “Кој го намести зајакот Роџер”.

За авторот на овие редови вчера се случи најголемиот скандал и најнеочекуваниот развој на настаните во кампањата за референдумот и со тоа се отвори дилемата дали некој намерно го намести македонскиот премиер.

Стратешкиот пријател на Македонија, САД, кој верувам со добри намери ја турка земјата кон успешен референдум вчера направи директен упад во кампањата и позициите на премиерот Заев за референдумот.

На денот кога во Вашингтон министерот за надворешни работи Никола Димитров доби ветер во грб за својата и работата на владата во однос на евроатланските интеграции од високиот претставник на Стејт Департментот, Вес Мичел претставници на американската армија му забодеа кол во срцето на Зоран Заев.

Како се случи командата на армијата на САД за Европа на својот канал на Фејсбук да објави видео со наслов во кој се раскажува за соработка на американските војници со „Северномакедонските војници“ односнсо со “North Macedonia Soldiers“.

Во ситуација кога централната точка на кампањата на Заев и СДСМ е токму зачувување на идентитетот и зацврстување на македонскиот карактер на нацијата, како бомба одекна насловот на американското видео во кое Македонците се преименувани во Северномакедонци. Нешто што вознемири дури и луѓе кои што беа решени да гласаат „За“ на референдумот.

Армијата на САД соработува со “Северномакедонски” војници

Одговорниот за ставање на наслов на Јутјуб во најсериозната американска институција сигурно не е некој обичен војник кој слушнал на вести дека ќе го менуваме името. Се работи за сериозен војнички систем во најмоќната армија на светот и затоа звучи неверојатно тврдењето дeка се работи за обична грешка.

Според итното повлекување на видеото и извинувањето до македонската јавност можеби навистина се работи само обична грешка но последиците од неа се огромни.

Армијата на САД не згреши за именување на меѓународни кодови, трговски марки, регистрации на возила или ѕвездата од Вергина туку погреши за главното орудие со кое Заев и владата ќе треба да ја убедуваат јавноста дека со договорот со Грција ќе се зацврсти македонскиот идентитет.

Главната теза на Заев го зачувавме идентитетот и го зајакнавме сега е на бришан простор затоа што станува јасно дека откако ќе го прифатиме договорот со Грција и го смениме уставот ќе немаме аргумент да се бориме со слични грешки во иднина. Затоа што тогаш навистина членовите на македонската армија ќе бидат северномакеднски, академија на уметностите ќе биде од Северна Македонија а Танец ќе биде не македонски туку ансамбл за игри и песни на Северна Македонија.

А заговорниците на теориите на заговор веќе развија сценарио во кое се споменува ни помалку ни повеќе туку блискиот соработник на американскиот претседател Трамп, Стив Бенон кој според неофицијални извори освен со влијатели десничари во повеќе европски земји веќе воспоставил релации и со луѓе во Македонија.

Според нив вчерашниот удар врз позициите на премиерот се дел од пресметките меѓу ткн „длабоката држава“ и новите американски политики на администрацијата на Трамп, иако за тоа нема никаков аргумент или барем логичен контекст пред се затоа што Зоран Заев како никој предходен македонски премиер, со исклучок можеби на Владо Бучковски, ја има безрезервната американска поддршка. Или барем така изгледа на површината на работите.

Како и да е, видео инцидентот со „Северномакедонските војници“ покажува дека во најмала рака нешто чудно се случува на релации Вашингтон – Скопје.

Особено ако се потсетиме дека пред десетина дена Заев, иако благо, сепак за прв пат беше критикуван од страна на Радиото Слободна Европа на Македонски јазик кое се финансира од Вашингтон а веднаш потоа и највлијателниот американски весник Њујорк Тајмс во текст посветен на земјава пишуваше со критики за високото ниво на корупција во Македонија во контекст на извештајот на ГРЕКО.

За 24 часа втор удар за Заев од Америка

1 Коментар

  1. So da ostavam komentar, se znae: sakaat da ne nema! Koj ne go razbira toa ili e naiven ili gi polni dzepovite.

Comments are closed.