За кого се бореа партизаните? – Пишува Роберт Димитриевски

Loading...

Светот вчера го одбележа Денот на победата над фашизмот. По традиција, главната „дешавка“ беше на „Црвениот плоштад“ во Москва, каде што Русија, која даде најмногу жртви и ѝ го зададе решавачкиот удар на нацистичка Германија, организира спектакуларна воена парада, а вечерта небото над руската престолнина го осветли и распара речиси получасовен огномет.

Како беше одбележан во Македонија денот кога пред 73 години идеологијата на Хитлер заврши на буништето на историјата? Во Струмица беше положено цвеќе пред споменикот на паднатите борци од народноослободителната и антифашистичка војна во Македонија, а претседателот на Советот на општината говореше за значењето на празникот. Ден пред тоа Општина Прилеп заедно со руската Амбасада положија цвеќе пред Могилата на непобедените. И, горе-долу, толку. Повеќе се зборуваше за Денот на Европа, во согласност со аспирациите на сите македонски влади од осамостојувањето до денес, отколку за победата над најголемото зло во историјата на човештвото.

Наместо да биде горда што од самиот почеток беше на вистинската страна – на антифашистичката коалиција – и војната ја заврши како победник, Македонија како да почна да се срами воопшто и да го спомене тоа, а камоли малку повидливо да го слави. Никој не очекува грандиозна манифестација, но уште помалку е за очекување ама баш никој од државниот врв да не излезе барем со неколку простопроширени реченици да им оддаде почит на 25-33 илјади жртви од Втората светска војна во вардарскиот дел на Македонија.

Логично се поставува прашањето – за кого се бореа македонските партизани од 11 октомври 1941 година, кога го почнаа оруженото востание во Прилеп и во Куманово, до ослободувањето на Тетово на 19 ноември 1944 година, кога завршија воените дејства во Македонија, ако денес малку кој ги спомнува? За кого во почетокот на војната заминаа в шума 1.000 партизани, за триумфот над фашизмот да го дочека стоилјадна армија, од која една петтина преку 15. Македонски корпус учествуваше и во завршните операции за ослободување на Југославија? За кого се бореа 66 народни херои од Македонија, од кои 44 го положија својот живот пред олтарот на татковината за време на војната?

Очигледно, некои нови ветришта почнаа да дуваат и во однос на современата македонска историја, чиешто редефинирање го најави уште лани премиерот Зоран Заев со препораката во иднина да се зборува само за фашистички окупатор, без да се идентификува. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов тоа го спроведе во дело и на денот на ослободувањето на главниот град 13 ноември, како и при отворањето музејска поставка на 4 јануари. Неа самиот симболично ја поврза со 75-годишнината од ѕверското измачување во тогашната Обласна полициска управа во Скопје и потоа убиството без судски процес на народните херои Страшо Пинџур и Мирче Ацев со фрлање низ прозорец.

Досегашното читање на историјата во Македонија ќе претрпи промени и со почетокот на работата на заедничката комисија со Бугарија за историски и образовни прашања, чиј бугарски состав вчера го одобри Владата на Бојко Борисов, а ќе го води првиот бугарски амбасадор во Скопје, Ангел Димитров. Со духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, а, всушност, заради бугарската поддршка во евроатлантските интеграции, се објаснува и ѓурѓовденското учество на чета на АРМ на воената парада во Софија во чест на Денот на бугарската армија. Во овој контекст се толкува и присуството на бугарскиот претседател Румен Радев на панихидата во неделата за 71 војник погребан на бугарските воени гробишта во струмичко Ново Село.

За ова ли се бореа припадниците на НОВ и ПОМ во Втората светска војна? Со оглед на тоа дека мртвите усти не зборуваат, никогаш нема да се дознае. Дотолку повеќе што малкутемина сè уште живи сведоци на таа епопеја и нивната боречка организација се толку тивки, безмалку безгласни, во однос на радикалните потези на сегашната македонска власт во овој поглед. Како ли да се толкува нивниот громогласен молк – како согласување со Заев, Шилегов, Шекеринска или како обичен конформизам, со цел да не се загубат привилегиите добиени токму за јасно и гласно изразениот став со самото земање пушка в рака и одење в планина заради себе, за предците и за идните поколенија?

Во својот говор на парадата во Москва рускиот претседател Владимир Путин ќе нагласи дека „се обидуваат да ги извртат настаните од војната, да ги закопаат вистинските херои во заблуда, да исконструираат, преработат, да ја фалсификуваат самата историја“, истовремено порачувајќи: „Никогаш нема да го дозволиме тоа. Наша должност е да го зачуваме сеќавањето за храброста на војниците кои ги загубија животите заради животите на другите“.

Ќе го дозволат ли тоа Македонците? Или ќе чекаат некоја комисија да им каже во каква историска вистина отсега па натаму да веруваат? Во името на добрососедството, на поддршката од „стратешките партнери“, на членството во унии и на сојузи што гарантирале посветла иднина, ќе се согласат ли на „заедничка историја“ во која партизаните повеќе нема да бидат толку добри момчиња како што учеа од 1945 година досега, а окупаторите толку лоши, кои и да се, во моментов е прашање од милион долари. А можеби веќе и не е. Историјата ќе покаже…