За некои луѓе македонското прашање е бизнис, вели бугарски новинар

Loading...

Бугарскиот новинар Љупчо Нешков констатира дека „за некои луѓе македонското прашање е бизнис“ во емисија на телевизијата БТВ, во која ги коментира последните случувања околу Македонија и нејзиното име.

„Во моментов сме сведоци на спор за влијание, а не спор за името на Македонија“, вели Нешков за контрадикторните информации од Македонија и од Грција по средбата во Софија меѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас.

„Бугарија нема проблем со името на Македонија и воопшто нема отворени прашања по потпишувањето на Договорот за добрососедство минатата година“, додава тој.

Според него, има интереси и обиди за дестабилизација на регионот преку спорот за името на Македонија, од кој зависи дали државата ќе биде примена во НАТО и во Европска унија.

Нешков го критикува и отфрлањето од Бугарска православна црква на поканата од МПЦ-ОА за заедничко чествување на илјадагодишнината од Охридска архиепископија.

„Тоа е атака врз напорите на бугарската држава во последните 12 месеци“, смета новинарот роден во Скопје, кој со сопругата во 2001 година ја основаат информативната агенција БГНЕС.