За успешен референдум треба мнозинство, не се знае колкаво!?

Легитимација на референдумот ќе биде големо мнозинство, а тука, вели министерот Никола Димитров, индикатори ќе бидат мнозинствата од претходни изјаснувања на граѓаните на претходните парламентарни избори, но рече, не може да каже конкретна бројка.

Според шефот на дипломатијата Никола Димитров, референдумот не е правен услов во Договорот. Во него се споменува референдум, но тој, вели, е политичка заложба и ветување и на СДСМ во изборната програма и на ВМРО-ДПМНЕ уште од 2005 година. 

„Во последната програма на ВМРО-ДПМНЕ со која излегоа на изборите во 2016 -та не постои цензус. Таму се вели ако има договор на маса ќе ги прашаме граѓаните и ако мнозинството кажат „да“ ќе го потврдиме тој договор. Во програмата на опозицијата 27 години немаме договор. Прв пат имаме на маса, заштитуваме тоа што е најважно – кои сме. Тие од 2005 викаат референдум, дојдовме до тој ден. Референдумот ни е за шест дена и гледајте ни ја ситуацијата. Време е за ова прашање да се обединиме“, рече Димитров на вчерашната прес конференција за појаснување на сите аспекти од Договорот со Грција.

„Ако бидат исполнети двата услова, првиот да има цензус и мнозинството да гласа во насока на поддршка на референдумското прашање, ситуацијата е јасна…“ вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Христијан Мицкоски во интервју минатата недела излезе со ставот дека доколку референдумот биде успешен и мнозинството гласа во насока на поддршка на референдумското прашање, партијата тоа ќе го почитува.

 

SHARE