Пристапување на Македонија во Европска унија поддржуваат 26 проценти од Австријците, 41 отсто се против, на 25 отсто им е сеедно, а 9 отсто не знаат или немаат одговор.

Ова се резултатите од испитувањето на јавното мислење во март годинава, спроведено од Австриско друштво за европска политика (ОЕГФЕ), кое ги објави во пресрет на утрешното соопштување на извештајот на Европска комисија за шесте земји од Западен Балкан и за Турција.

Поддршката за членство на Македонија е малку поголема во однос на последната анкета од октомври 2016 година, кога 23 проценти од Австријците биле за, 53 отсто против, 19 отсто рамнодушни и 5 отсто не знаеле.

Најголема австриска поддршка за влез во ЕУ, пак, Македонија имала во септември 2010 година, кога 39 проценти биле за, 37 отсто против, 14 отсто рамнодушни и 10 отсто без одговор.

Од другите земји од регионот во март годинава најголема поддршка кај Австријците имаше Босна и Херцеговина од 31 отсто, наспроти 36 отсто против.

Следуваат Србија со 29 проценти за и 45 отсто против, па Црна Гора со 27 проценти за и 39 отсто против, а за Албанија и за Косово бројките се идентични: 23 проценти за и 46 отсто против.

Далеку зад шесте западнобалкански земји е Турција, за чие членство во ЕУ се изјасниле само 9 проценти од анкетираните Австријци, а против се дури 76 отсто.

Иако нивната земја се смета за движечка сила во однос на вклучувањето на Западен Балкан во ЕУ, прашани за сите шест држави заедно Австријците се прилично скептични: само 23 проценти се за, а 58 отсто против.