Loading...

Не симнувајќи ги насмевките од лицата, македонскиот премиер Зоран Заев и неговиот бугарски колега Бојко Борисов имаа занимлив дијалог во базиликата „Санта Марија Маџоре“, каде што државно-црковните делегации на двете земји првпат заедно се поклонија на гробот на сесловенскиот просветител Свети Кирил.

„Тука е токму исповедалницата, па ако имаме грев, Господ нека ни прости“, рече Борисов.

„Веруваме дека правиме добри дела“, реплицира Заев.

„А сега, по бугарско-македонски обичај, ќе седнеме на ручек двете делегации“, додаде Борисов во дијалогот на крајот од видеото подолу поставено на неговиот профил на „Фејсбук“.

Претседателот на Министерски совет на Бугарија претходно на новинарите што ги придружуваа двете делегации им изјави дека покажале оти „наместо празниците како 24 мај да се раздор, подобро е да ги чествуваме заедно“.

„Не бидува да се натажуваме на ваков ден поради една или друга причина. Сите треба да се радуваме и ние тоа го правиме. Заедно бевме кај плочите каде што биле осветени нашите букви, на кои пишуваме и сега. Се вративме во дипломатијата векови наназад“, додаде Борисов.

Во базиликата во која секоја година на овој ден Македонија и Бугарија го чествуваат големото дело на светите браќа Кирил и Методиј папата Адријан Втори во 867 година им ги благословил делото, словенската азбука и словенските книги.

За разлика од спонтаното обраќање на Борисов, Заев прочита напишан говор за значењето на делото на сесловенските просветители и за заедничкото славење со Бугарија во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.

 

1 Коментар

Comments are closed.