Заев избрал „Северна Македонија“, тврди „Ефимерида“!

„Тој избра што сака. Тој веќе го направи тоа“, изјави министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, во интервју за телевизијата Контра, мислејќи на македонскиот премиер Зоран Заев, кој, според извор на „Ефимерида“, се определил за името „Северна Македонија“.

Коѕијас не кажа кое име го избрал Заев, сугерирајќи само дека станува збор за еден од трите предлози на посредникот Метју Нимиц што останаа во најтесниот круг – покрај „Северна Македонија“, уште и „Горна Македонија“ и „Нова Македонија“.

Единствен „трн“ во денешниот телефонски разговор на Заев со неговиот грчки колега Алексис Ципрас останало барањето за севкупна употреба (ерга омнес) на договореното име.

„Денеска беше направен решителен чекор“, рече Коѕијас. „Ако утре заврши позитивно разговорот, тоа значи дека ќе завршат и разговорите за името“.

Коѕијас повтори дека македонскиот јазик е признат од Обединети нации уште во 1977 година, но премиерите се согласиле во договорот да стои дека тој нема врска со старогрчкиот, туку дека припаѓа на групата словенски јазици.

За народот, пак, во договорот јасно ќе било нагласено дека тој нема никаква врска со античката грчка култура.

Бил надминат и проблемот со Уставот, открива шефот на грчката дипломатија, кој ѝ оддава признание на соседната земја за „храброста“ да си го смени уставното име.

Ако договорот биде ратификуван во македонското Собрание до состанокот на Европски совет на 25 јуни, тогаш Грција ќе даде зелено светло за датум за преговори, а потоа и за покана за членство во НАТО на самитот на 11 и 12 јули.

Коѕијас е уверен дека мнозинството пратеници во грчкиот Парламент ќе го поддржат таквиот договор, без разлика на спротивставувањето на владиниот коалициски партнер Независни Грци и на Нова демократија.

„Ако Неа демократија има проблем, нека предложи гласање за доверба на Владата, па да се преброиме“, порача грчкиот министер за надворешни работи.

 

Comments are closed.