Заев на удар во Бугарија за „дебугаризација“ на Илинденско востание

Во Бугарија не му се допадна секому предлогот „Република Илинденска Македонија“ зад кој македонскиот премиер Зоран Заев јавно застана, па некои му забележуваат за тоа што Илинденско востание не го нарекол и „преродбенско“, како и за исклучување на „бугарскиот карактер“ на народниот бунт во Македонија од 1903 година.

Посебно им боде очи изјавата на Заев дека „Илинденска Македонија е држава и општество за чиј просперитет и развој беа еднакво ангажирани и Македонците, и Албанците, и Турците, и Србите, и Власите, и Ромите, и Бошњаците и сите други кои се бореа и се изборија за слободна и независна Македонија“.

„Станува збор за едно доста грубо фалсификување на историјата. Си мислам тие војводи, со брадите, опашани со патрони, како би реагирале сега ако некој им каже дека се од друга националност, а тие за такво нешто на времето очи ваделе, уши сечеле… Тоа во рамките на шегата, се разбира“, коментира за бугарската телевизија БТВ историчарот Иван Илчев, ректор на Софиски универзитет „Свети Климент Охридски“ од 2007 до 2015 и член на Бугарска академија на науките (БАН).

„Едно е што кон датумот Илинден сите Македонци се самоопределуваат како Бугари, втор би можело да биде дека господинот Заев продолжува да го плаќа данокот на таа автоцензура, која македонските политичари си ја наложиле во однос на Бугарија“, вели Искрен Веселинов, заменик-претседател на партијата ВМРО, која е дел од владеачката коалиција во Бугарија.

Бугарската влада, пак, преку своите потпретседатели – министерката за надворешни работи Екатерина Захариева и министерот за одбрана Красимир Каракачанов – позитивно се изјасни за предложеното ново име за западниот сосед.