Заев најави фантастична излезност на референдумот, анкетите ги крие (ВИДЕО)

Премиерот Заев најави досега невидена излезност на референдумот за промена на името што ќе се одржи до 7 октомври.

Тој во интервју за Би-би-си објави дека за името ќе гласаат 75 % од граѓаните.

Премиерот вели дека анкетите му даваат простор да биде сигурен дека референдумот ќе успее.

„На пример анкетите покажуваат дека над 75% поддржуваат влез во НАТО и ЕУ. Повеќе од 70% од нашите граѓаните веруваат дека ова прашање требаше да се реши подоцна или сега е добар момент. Повеќе од 75% ќе излезат на референдум и ќе гласаат.“ – вели Заев за BBC.

Ако се знае дека на избирачкиот список има околу еден милион и 800 илјади гласачи Заев најавува дека на референдумот ќе гласаат околу 1 милион и 350 илјади од нив што не се случило на ниедно гласање досега.

Излезноста на последните пет парламентарни избори е меѓу 55 и 66 насто односно нешто над 1 милион гласачи излегуваат на гласање.

Како Заев ќе анимира уште околу 300 илјади гласачи кои никогаш не излегуваат на избори е нејасно.

Во интервјуто премиерот не цитираше извор односно истражување на јавно мислење што ги потврдува овие наводи.