Во синоќешното интервју за 24 Вести, премиерот Зоран Заев рече дека е 99 проценти убеден дека е можно да се постигне договор со Грција околу името.

„Еден процент оставам како резерва. Македонија и Грција никогаш не биле поблиску до решавање на спорот за името. Но, ако не се најде решение, пред самитот на ЕУ и НАТО, процесот на преговори нема да запре. Преговорите ќе продолжат и ќе продолжиме да градиме пријателство со Грција“.

Во нтервјуто, од кое делови преземаат и медиуми во регионот, премиерот уште еднаш повтори дека за Македонија е прифатливо име со географска одредница за меѓународна употреба и дека Грција покажала разбирање за македонскиот идентитет.

Во игра е име со географска одредница, никако со временска.

„Нова Македонија не е решение, бидејќи во иднина можеби и децата во Грција ќе прашаат, каде е старата Македонија“, рече Заев.

Тој оцени дека последната средба на шефовите на дипломатиите на Грција и На Македонија во Охрид минала во позитивна атмосфера.

„Димитров не е по пеењето како (Ивица) Дачиќ, но состанокот помина во многу позитивна атмосфера и со многу повеќе оптимизам од претходно“ рече Заев одговарајќи на прашањето дали министерот Никола Димитров му запеал на Никос Коѕијас, како што тоа го направи Дачиќ во Белград пред некој ден.

Премиерот Заев уште најави дека со грчкиот колега Алексис Ципрас ќе се види на 18-18 мај на Самитот за Западен Балкан во Софија.

 

Оставете Коментар