Заев: Не вртете како „киша око Крагујевца“, Мицкоски: Јас сум како надојден Вардар

Во делот посветен за името Заев инсистираше Мицкоски да каже што има против варијантата Илинденска Македонија, но лидерот на ВМРО–ДПМНЕ не одговори директно, туку дека не прифаќа промена на Уставот и уставното име.

Лидерот на опозицијата на ТВ-дуелот изјави дека за време на лидерската средба го молел премиерот да не излегува со изјава дека го прифаќа пакетот со Илинденска Македонија, но тој не го послушал.

Премиерот во одговорот рече дека не се сеќава што му рекол Мицкоски, но дека тој самиот одлучува каква изјава ќе даде пред граѓаните.

Политичките опоненти на прашањето за спорот со името останаа на своите ставови што ги соопштија и по завршувањето на лидерската средба на која премиерот Зоран Заев го соопшти предлогот за името „Република Илинденска Македонија“. Мицкоски и тогаш и вечерва на ТВ-дуелот рече дека опозициската партија нема да прифати промена на името.

„Ние имаме егзибиционистички процес. Не оди на арно работава. Ќе го потсетам Заев дека кажа оти не треба решението да се бара во промена на Уставот. ВМРО-ДПМНЕ не може да поддржи промена на Уставот и на уставно име. Заев јавно говореше дека нема да бара решение во промена на Уставот. Не Заев, не сте го спасиле достоинството. Народот за една држава е најголем капитал, а вие го потценивте народот. На тој народ му требаат чесни политичари. Вие мислевте, но немавте решение и го урнисавте тоа што 25 години се градеше“, рече Мицкоски.

„Во Македонија по прашањето за спорот со името сме транспарентни. Пораката на Никола Димитров е да се има мудрост. Македонија нема алтернатива освен интеграциите во НАТО И ЕУ. Името Република Илинденска Македонија не го уништува идентитетот, туку го зајакнува. Лесно е да бидете против, туку треба да кажете што ако не се реши. НАТО значи стабилност и сигурност“, рече Заев.

Мицкоски дополни дека граѓаните очекуваат политики, решенија и проекти за подобар живот, а не капитулација. „И кажете дали донесовте живот или чемер и јад во нашата мила мајка Македонија“, реплицираше тој, дополнувајќи дека не е на квиз за да даде брз одговор, дека е сериозен човек и дека не зборува за нешто кога не му се познати деталите.

 

2 Коментари

  1. Dokolku H. Mickovski ne ja prifati strategijata na Igor Janev, NEMA DA BIDE LIDER NA VMRO!
    I toj ke mora da Zamine od partijata!

  2. Прочитав еден српски коментар во медиум од Белград: ” ГДЕ МОЖЕ СВЕТИ ИЛИЈА ДА ПОСТАНЕ ДРЖАВНО ИМЕ”!

Comments are closed.