Заев пред Ципрас се бранел со опозицијата

За време на телефонскиот разговор со колегата Ципрас, премиерот Заев искажал силна намера да се најде решение за спорот и по цена на огромна лична политичка штета но сепак се обидел да најде алиби за блокадата во преговорите.

Заев на Ципрас му рекол дека неговата партија и политичките претставници на Албанците се подготвени за големиот исчекор кој треба да го направи земјата но дека без опозицијата и претседателот Иванов нема да може да се затвори прашањето.

Според брифингот добиен од грчки извори Заев до утре кога повторно ќе се слушне на телефон со Ципрас ќе направи обид за комуникација со претседателот Иванов и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со цел да ги убеди да го поддржат во намерата договорот да биде донесен со консензус.

Заев најавил дека во тој обид очекува поддршка од “заедничките пријатели”.

Според Заев сега проблем не е само политичката цена што ќе ја платат тој и неговата партија туку практична применливост на договорот и гаранциите за неговата имплементација на што инсистирал Ципрас. Доколку договорот не е поддржан со консензус постои можност делови од договорот да не бидат спроведени како што тоа го стори Грција со членот 6 од Времената спогодба.

Без координација и потпис на претседателот договорот не може да стапи во сила уште најмалку една година додека е Иванов шеф на државата. Тој веќе најави дека нема да поддржи промена на уставот и договор во кој се предвидува ерга омнес.

Посебен проблем е бројката од 81 пратеник за уставни измени за кои треба да гласаат петнаесетина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ од каде не даваат никаков простор дека ова сценарио е можно.

Comments are closed.