Неколку десетици бугарски граѓани протестираа утрово во Софија против одлуката на Светиот синод на Бугарска православна црква да ја одбие поканата од МПЦ-ОА и да не испрати свои претставници на прославата на илјадагодишнината на Охридска архиепископија.

„Зад грбот на патријархот направија заговор. Треба да се активираат тајните служби“, изјави Милен Врабевски, претседател на Фондација „Бугарска памет“, која го организира протестот. „Сакаме патријархот да свика вонредна седница на Светиот синод за да ја разгледа одлуката од 14 мај“.

Пред два дена осум архиереи на БПЦ го поддржаа предлогот на митрополитот Наум од Русе Светиот синод на БПЦ да не испраќа делегација во Македонија за прославата на големиот јубилеј на Охридска архиепископија. Само шестмина беа „за“. Одлуката беше донесена во отсуство на патријархот Неофит, кој сѐ уште е во болница.

Организаторот на протестот вели дека на двајца бугарски архереи дури им било забрането да присуствуваат на прославата.

Врабевски потсети дека пред шест месеци Фондацијата даде поддршка на барањето Бугарската патријаршија да биде „црква-мајка“ на Македонската архиепископија. Шест месеци подоцна, иако беше ветено, нема никакво придвижување околу тоа прашање.

Тој обвини дека зад одлуката да не се присуствува на прославата во Охрид стојат странски влијанија, кои, според него, се спротивни ма бугарските национални интереси.

Врабевски и неговата фондација стојат и зад обновената традиција да се оддава почит на загинатите бугарски војници од Првата светска војна во струмичко Ново село, каде што годинава беше одбележан Денот на бугарската армија, а присуствуваше и бугарскиот претседател Румен Радев. 

Оставете Коментар