Под мотото “Само сонцето е постаро од Македонија” стотина Македонци денеска во Берлин мирно протестираа против владата на премиерот Зоран Заев кого го обвинија за велепредавство и му најавија дека ќе дојде време кога тој ќе биде суден за антимакедонаките потези.

Во знак на поддршка на големиот митинг што опозицијата го организира вечерва во Скопје македонската заедница во главниот град на Германија од германската влада, претседател и парламент побараа помош за достоинствено решение на спорот за името со Грција.

Како лојални граѓани на Германија тие од владата во Скопје побараа да ги прекине преговорите со Грција а од германските власти бараат да извршат притисок врз Грција како членка на ЕУ и НАТО да дозволи да се почитува правото на самоименување и самоидентификација за Македонците каде и да живеат.

Главниот организатор на протестот Роберт Кленковски во обраќањето порача дека Македонија не е за давање ниту за продавање и дека сите треба да работат за решавање на проблемите без разлика каде живеат. Македонците во светот се составен дел на Македонија и имаат право да одлучуваат и да го дадат својот глас за Македонија. Кленковски им порача на тие што водат предавничка политика кон Македонија дека еден сигурно ќе одговараат за тоа.

Писмо со барање за неменување на уставнот име и почитување на македонските закони и устав македонската заедница во Берлин испрати и до македонската влада, собрание и претседател. Во дописот се бара Македонија веднаш да ги прекине преговорите за името, претседателот да не отстапи од позицијата за непотпишување на законот за јазици и итно ослободување на сите политички затвореници во Македонија.

Собирот во Берлин каде што живеат околу 3000 членови на македонската заедница и околу 5000 граѓани со потекло од Македонија беше организиран како акт на поддршка на вечерашниот митинг во Скопје.

Поддршка за протестите и митингот дадоа и претставници на неколку здруженија на германски граѓани кои водат потекло од Македонија а во Германија се иселиле од Измир, Турција.

Оставете Коментар