Замина човекот за кој народот на Македонија има храброст и карактер

По кратко боледување, денеска на 80-годишна возраст почина седмиот генерален секретар на Обединети нации, Кофи Анан, кој со одбрани зборови и со почит зборуваше за Македонија.

Добитникот на Нобеловата награда заедно со Светската организација во 2001 година посебно беше дарежлив со комплименти за достигнувањето на Македонија при заблагодарувањето за подарокот за ОН од сликарот Васко Ташковски на денот на македонската независност 8 септември 2000 година.

„Концептот на добрососедство е особено видлив во случајот со вашата земја. Во средината на трагичното крвопролевање на Балканот, го задржавте кревкиот мир. По конфликтите во регионот, направивте повеќе. Ги застапувавте правата на малцинствата, зедовте активно учество во регионалните и во меѓународните организации, се обидовте да изградите добри односи со сите ваши соседи.

Иако сте млада република, вашиор народ има долга и богата историја, храброст и карактер. Денес, слично како гулабот на оваа слика, Македонија се ослободи од тензиите и од бариерите и се искачува кон иднината“, рече Анан на церемонијата на примопредавање на сликата на македонскиот уметник Ташковски.

Ганецот беше во Македонија во мај 1999 година, посетувајќи го кампот со бегалци од Косово во Стенковец. Пред шест години на институтот „Брукингс“ во Вашингтон, пак, откри дека во неговиот мандат Македонија и Грција биле блиску до решение на спорот за името, при што Македонија била подготвена за солуција што ќе го содржи тој збор, но Грција одбила.

Анан беше на чело на ОН во два мандата од јануари 1997 до декември 2006 година. подоцна беше и специјален претставник на ОН за Сирија, обидувајќи се да најде решение за конфликтот.

Дипломатот од кариера почина во болница во Берн. Последните години живееше во близината на Женева.