Започна една од најважните средби за името од 1995 година (ФОТО)

Пред околу еден час (16.00) односно околу 10 часот по локално време во Њујорк започна можеби најважниот состанок за името од април 2008 година пред самитот на НАТО во Букурешт.

Учесниците на средбата медијаторот Нимиц и министрите Димитров и Коѕиас денеска пред новинарите одбиле да ги коментираат вчерашните разговори.

Единственото „протекување” на информации од двете страни е дека разговорите биле тешки и интензивни и дека двете страни ги чека тешка задача да не ја „нарушат временската рамка”, која завршува на крајот на идниот месец кога во Брисел ќе се случи самит на ЕУ на кој Македонија очекува датум за почеток на преговори.

Силен притисок, според добро упатени дипломатски кругови има и врз двете страни, а за притисокот врз Атина најдобро зборува грчката државна агенција АНА-МПА која објави дека најголемиот дел од членките на ЕУ и НАТО сакаат да ја видат Македонија во евроатланското друштво.

Во меѓувреме се лиферуваат голем број шпекулации за темата на разговори во Њујорк денеска.

Дијапазонот на шпекулациите се движи од Илинденска Македонија сеуште на маса, преку Северна Македонија како некаков компромис се до Нова Македонија како единствено можно решение за Грција.

Единственото нешто што е речиси извесно е дека ако Македонија добие име што е помалку лошо ќе треба да попушти за другите делови од пакетот и обратно ако Грција се согласи на име посакувано од неа ќе треба да даде зелено светло за “чист” идентитетски пакет.

Протоколот на средбите сеуште не знае колку долго ќе трае состанокот ниту дали по средбата ќе има изјава за медиумите.

SHARE

Comments are closed.