Жерновски втор по Димитров, Атанасов ќе му држи грб на Адеми

Ексградоначалник на скопската општина Центар, Андреј Жерновски, ќе биде новиот заменик-министер за надворешни работи, дознава Телма. Жерновски беше пратеник девет години во три мандати, се до 2013-та година, кога стана градоначалник. На локалните избори минатата година се откажа од повторна кандидатура и премина од ЛДП во СДСМ, изјавувајќи дека ќе стапи на висока позиција во владата, што и се случува со актуелната владина реконструкција.

Неофицијално, заменик – министер ќе стане и пратеникот од СДСМ, Петар Атанасов, кој треба да го заземе местото на Арбр Адеми од ДУИ во Министерството за образование. Адеми, пак, од заменичкото место, седнува во министерската фотелја. Актуелната министерка, Рената Тренеска Дескоска од образование оди во Министерството за правда. Роберт Алаѓозовски заминува од функцијата министер за култура, а на негово место треба да седне Асаф Адеми, кадар на Движењето Беса од крилото на Африм Гаши. Адеми е поранешен амбасадор во Данска, а беше и кандидат за градоначалник на Беса за Гостивар, но не победи на изборите. Според договорот, БЕСА треба да добие и уште две заменички места, но не се потврдува за кои точно станува збор.

ДПА ќе раководи со Министерството за странски инвестиции. Партиски извори велат дека нов министер ќе биде Бардуљ Даути, поранешен пратеник и кандидат за градоначалник на Тетово на локалните избори. Професорот на универзитетот ФОН, Митасим Беќири е кандидат за заменик министер во транспорт и врски. Се очекува да има и други промени, почнувајќи од највисоките, па до најниските ешалони на власта. Извори од владата велат дека, за да се забрза процесот, сменетите министри ќе си поднесат оставки. Собранието има рок од две недели, откако ќе ги добие предлозите, да ги стави на дневен ред пред пратениците.

SHARE