Зидан се повлече само пет дена по третата европска титула со Реал!

Зинедин Зидан објави дека ја напушта клупата на Реал Мадрид пет дена откако ја водеше екипата до третиот пехар во низа од Лигата на шампионите, тврдејќи дека на клубот му треба „поинаков глас“.

На прес-конференцијата по тој повод 45-годишниот француски тренер објасни дека „сè се менува“ и „токму затоа ја донесов оваа одлука“.

Тој заминува откако го водеше шпанскиот тим до три европски титули и еден шампионски трофеј во шпанската лига откога го презеде кормилото на „кралевите“ во јануари 2016 година.

„Го сакам овој клуб“, рече популарниот Зизу пред новинарите. „Сметам дека овој тим треба да продолжи да победува, но мислам дека му треба промена, поинаков глас, друга стратегија. Ова е вистинскиот момент за сите вклучени – за мене, за екипата, за клубот“.

Зидан седна на клупата по отказот за Рафаел Бенитез и ја водеше екипата на 149 натпревари, во кои Реал оствари 104 победи, 29 нерешени и 16 порази, при тоа освојувајќи девет трофеи. Сепак, во последнава сезона мадриѓаните завршија само трети во Ла Лига со 17 бода помалку од првакот и лут ривал Барселона, а во Купот на Шпанија беа елиминирани уште во четвртфиналето од Леганес.

 

SHARE