Зошто е името безбедносно прашање – пишува Горан Момироски

Британскиот амбасадор во Македонија Чарлс Гарет е интелигентен дипломат од кариера кој што точно знаел какви последици ќе предизвика неговата последна изјава.

Неговото тврдење дека прашањето за името е централно регионално безбедносно прашање бездруго не е проста ПР операција на една членка на ЕУ и НАТО која сака да и помогне на владата во обидот на граѓаните да им објасни дека треба да прифатат промена на името.

Искусниот дипломат кој долго време е во Македонија точно знае дека мешањето на странците во ова емотивно прашање нема да му помогне на процесот на решавање на името ниту на премиерот во убедување на народот да се смени името.

Напротив мораше да знае дека изјавата само дополнително ќе предизвика пцовки, клетви и обвинување дека Заев нема да донесе автентична одлука од македонски интерес туку по налог на трети фактори.

Гарет мора да знае дека така искажаната порака кај најголем дел од граѓаните беше доживеана како отворена закана од типот “или ќе го смените името или ќе се соочите со војна”. Народ со толку многу фрустрации, предавства и разочарувања зад себе едноставно не може да види друга логика и порака во зборовите на Гарет кој морал да го предвиди тоа. И затоа мораше да биде повнимателен.

Посебен проблем е тоа што изјавата на британскиот амбасадор доаѓа само три дена откако британска лабораторија не успеа да најде докази дека Москва извршила напад на двоен агент на англиско тло. А Македонија без докази во знак на солидарност со Лондон протера дипломат од земја членка на СБ на ОН.

Што е друга можна причина за ваква силна изјава на Гарет? Единствено дека тој има прецизни податоци за конкретна безбедносна закана за Македонија и регионот. И тука реалните сценарија и конспиративни теории се десетици на број.

Главната меѓу нив, а таа сигурно ја знае и Гарет, е тезата според која Албанците во Македонија нема да издржат уште едни пропаднати преговори за името и нова блокада за НАТО и ЕУ и ќе се обидат да најдат друг пат до Брисел.

Тој пат според сите води преку обединување со своите браќа преку границите, пред се преку Тирана која е веќе во НАТО а ако ги надмине пречките во судските реформи и неколку други поглавја може релативно брзо да започне преговори за членство. Тоа секако нема да биде во наредниве 5 години но секако ќе биде побрзо од македонското сценарио кое без решение на името ќе заглави десетина години.

Вооружените групи со калашњикови во Скопје за кои зборуваат албанските политичари и сеуште свежата крв од Диво Насеље доаѓаат само како зачин на зборовите на Гарет, кој морал да предвиди дека традиционално конспиративно настроениот македонски граѓанин ќе ги поврзе и од тоа ќе гради ставови и стравови.

Други можни реални причини за крајно сериозните пораки на Гарет се неговите информации за евентуални воени планови на Русија на Балканот или за настаните кои што претстојат на Косово откако Харадинај го понижи Белград со апсењето на српскиот функционер одговорен за Северно Косово.

Во оваа група причини спаѓаат и опасностите од терористички напади на ИСИС во регионот, иако дури и на добар демагог ќе му биде тешко да објасни поврзаност на прашањето за името со било која од погоре наведените прашања.

Практично, Гарет наместо да помогне во општата конфузија дотури во огнот масло и состојки кои произведуваат страв. И тоа токму во моментот кога покрај со сите редовни глупости се соочуваме со вооружени пресметки на членови на владеачка партија. Партија која тврди дека има неограничена поддршка токму од луѓето во чие име настапува Гарет.

Амбасадорот пред повторно да шири страв и паника од војна во земја која не започнала конфликт со никого досега мора да знае дека Македонија нема проблем ниту со НАТО ниту со ЕУ, најголем број граѓани се за членство. А нема проблем ниту со еден свој сосед во смисла на безбедност.

Затоа ако веќе сака да зборува за безбедност нека каже точно кој е закана и од што треба да се плашиме.

Вака само непотребно го наруши неговиот личен имиџ и имиџот на неговата држава како сериозни фактори на Балканот. И тоа на стотина дена пред конференцијата во рамки на Берлинскиот процес која ќе се одржи во Лондон.

SHARE

Comments are closed.