Зошто Собранието крие службено патување на спикерот Талат Џафери?

Спикерот на македонското Собрание во неделата бил во Призрен на одбележување на 140 годишнината од таканаречената Призренска лига или Лига за одбрана на правата на Албанската нација.

Џафери во Призрен бил заедно со претседателот на Албанија Илир Мета и со косовскиот премиер Рамуш Харадинај.

Најголем дел од медиумите на Албански јазик во регионот не објавуваат дека Џафери бил присутен во Призрен на јубилејот што се смета за важен датум за албанската историја.

Причината лежи во контроверзноста на лигата за неалбанските заедници на Балканот кои настанот во Призрен го сметаат како почетна точка за борбата за обединувањето на сите Албанци и албански територии во една држава.

Иако вокабуларот на средбата во Призрен генерално бил насочен кон обединување во рамки на ЕУ сепак дел од говорниците зборувале за потребата за нови напори за Албаницте да го остварат својот вековен сон и да живеат во една државна заедница.

Спикерот на Собранието Талат Џафери кој во Призрен бил најавен како официјален гостин од Македонија во својата порака со доза на двосмисленост предизвика контроверзност и критики кај дел од јавноста која изјавата ја толкува како повик за чекорење во правец на обединување на сите Албанци во една држава, тема која што постојано ја користи и албанскиот премиер Еди Рама.

„Благословени сме со најдоброто време за нашите држави, нашиот народ и за идните генерации. Свесни сме во која насока треба да одиме“, изјавил Талат Џафери во Призрен.

Оваа официјална активност на спикерот Џафери се случила на 10 јуни а за посетата на Џафери на Призрен според веб сајтот на Собранието нема никакви информации.

Оставете Коментар