Силјановска – Давкова: Република Македонија меѓу фиромизација, македониџизација и демакедонизација

Во неколкуте, од Нимиц предложени сложени имиња, клучниот збор „Македонија“ за надворешна употреба, фигурира како „Makedoniјa” на светските и други јазици, значи, без превод. Вообичаениот профил на македонски граѓанин, кога го гледа и чита овој нему познат и близок збор, не наоѓа ништо СТРАШНО!! И на евентуалниот референдум за кој се залагаат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, за композитно име во кое ќе фигурира зборот „ Македонија“ / Makedonija, можно е граѓаните да не се потресат при заокружувањето на ливче со : Република Нова Македонија, или Република Северна Македонија, или Република Горна Македонија…Вардар Македонија…. зошто, во сите се споменува зборот „Македонија“ !!

Ама, македонскиот граѓанин заслужува информација дека надвор нема да бидеме: Republic of New Macedonia, Republic of Nothern Macedonia, Republic of Upper Macedonia…. туку „ Мејкдониџа/МАКЕДОНИЏА….и/или „Македонија“ на кирилица)!!! Во прашање е нов поим и збор, кој што, освен ние и македонистите, секој друг тешко ќе може да го изговори, а камоли идентификува.

Чесно е кон предлозите да се приложи аудио материјал/изговор на предложените имиња. Најдобро би било да ги чуеме имињата како звучат изречени од г-дин Нимиц, премиерот Ципрас и премиерот Заев. Сигурна сум дека најновите предложени имиња ќе звучат неартикулирано и неразбирливо. Тие се во духот на ДЕНОМИНАЦИЈАТА и ДЕМАКЕДОНИЗАЦИЈАТА!!

Предлагам, во дебатите за името и новинарите да презентираат прилог со изговор на новопредложените имиња на англиски, француски, германски, руски…. како и на грчки!! Ова мора да го чујат граѓаните пред да бидат анкетираните нивните ставови при испитувањето на јавното мислење. Да не говорам за опасноста од сугестибилни и капциозни комбинации при формулацијата на референдумското прашање, врзани за замена на референцата, членството во ЕУ или почетокот на преговорите
Во потрагата по „ДОСТОИНСТВЕНО КОНЕЧНО РЕШЕНИЕ“ (НОВО ИМЕ), како билет за Брисел, среќни за усогласените три позиции (ЗАЕВ), или седум (ГРУБИ: кој, каде, кога и како го овластил да разговара и преговара!!), треба да фрлиме еден ДОЛГ, ОСТАР И ДЛАБОК поглед на овој линк, на кој има слика од првата (од четирите) страници од најновиот предлог на Нимиц:

https://www.mkd.mk/makedonija/politika/site-predlozi-za-imeto-od-nova-makedonija-preku-republika-makedonija-skopje-do .

Се разбира, може и на друго место да се најдат предлозите, а најдобри се грчките извори.
Патем,клучното прашање е: дали решениот спор за името е клучот за решавање на нашите енормни внатрешни проблеми, на егзодусот на младите, на европеизацијата, како што постојано слушаме и читаме? Не верувам. Со „БАЛКАН ЕКСПРЕС“, БЕЗ ЕВРОПСКИ ВОЗЕН РЕД не се стигнува во БРИСЕЛ. Сеуште не сме „полетале“ од место. Останавме недовршена и слаба(weak), а на моменти и пропадната(failed) држава.

Знаете ли дека сеуште не е довршена конститутивната седница на Собранието, зошто не се избрани потпретседателите? Се разбира, по деценија авторитаризам, треба време за ДЕМОКРАТСКИ ЖИВОТ. Ама, не препознавам јасни демократски тенденции. Гледам: опасна криза на лидерството и уште поопасно кокетирање и кооперирање со креаторите и генераторите на политичката и правна криза; понатамошна етнизација/етнократија; јакнење на етносот, наместо на демосот и закана од општествена дезинтеграција; етатизација и слабеење на автентичното цивилно општество; континуитет на партизацијата на државата и конзулство; репартизација, наместо департизација на администрацијата; релативизирање на фашизмот и потценување на антифашизмот како темел на модерна Европа; медиумско конвертитство; еколошка деградација /катастрофа и енормна закана по нашето здравје и ЖИВОТ.

Верувам и е се надевам дека македонските преговарачи знаат дека предлозите на НИМИЦ, со “Makedonija” како дел од сложеното име, се заканувачки не само за АСНОМ-скиот државен и именски континуитет, (што не бил нарушен со придавките: народна, федеративна, или социјалистичка, како што тврдат некои експерти) туку и за МАКЕДОНСКИОТ НАЦИОНАЛЕН и ГРАЃАНСКИ ИДЕНТИТЕТ.

Не смее да се превиди како се изговара БУКВАТА „Ј“ на англиски, француски, или друг јазаик во именката „Macedonija”, зошто може да биде ТРОЈАНСКИ КОЊ во новопредложените имиња.
Чувме дека Министерот Козиас преферира име напишано на „словенски“ (на кирилица) за да не може никој да го прочита, а камоли разбере.
Се поставувуваат неколку прашања врзани за генезата на името на Република Македонија и следат неколку одговори:

1. КАКО станавме членка на Југословенската федерација? Како Народна Република Македонија, врз основа на правото на самоопределување на македонскиот народ, што го вклучува и правото на здружување.
2. КАКО излеговме од СФРЈ? Врз основа на правото на самоопределување до отцепување, згарантирано со Уставот на СФРЈ од 1974 година за шестте републики.
3. КАКО почнува Преамбулата на Уставот од 1991? Со македонскиот народ.
4. КАКО почнува изменетата Преамбула во 2001 год (единствен пример во компартивното уставно право на измена на Преамбула со амандман!)? Со „ граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од другите народи .
Со децении, пред и по осамостојувањето, Република Македонија во меѓународните односи, учествуваше и фигурираше како “Macedonia” (на англиски и шпански), “Mazedonien” (на германски) или “Macédoine” (на француски).
Се разбира, ние мора да инсистираме ова решение ДА ОСТАНЕ, зошто, она што , според Повелбата на ОН важи за сите држави, треба да важи и за Република Македонија, согласно начелото на еднаквост на сите членки на ОН.
Тезата дека името нема врска со идентитетот и дека ние си знаеме КОИ СМЕ, не значи многу во меѓународно-правната комуникација на држави- нации (демос, етнос), зошто, подеднакво важно е кои сте како нација за ДРУГИТЕ и како Ве перцепираат и третираат ТИЕ!! Освен тоа, бесмислено е да се тврди дека тоа што еден народ се вика „македонски“ , а државата „ Македонија“ нема врска!!

Со име на држава, чија транскрипција е “MAКEDONIJA”, таа и НИЕ како нација и граѓани не сме ни ДОСЕГАШН(А)ИТЕ, ни ВЧЕРАШН(А)ИТЕ, туку сме ДРУГ(А)И/нов(а)и, односно ТАА/НИЕ сме „ ОД СЕГА“(EX NUNC), a не „ОД ТОГАШ“ (EX TUNC), што е не само неточно, туку и нехумано и антиисториско.

Во мегународната комуникација , Република Македонија, од 1944 до 1993 беше ословувана како Република Македонија, а од 1993 ( прием во ОН) до денес , во рамките на меѓународните организации и односи, главно, иако не секогаш и во сите , ни се обраќаа со „бивша југословенска РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА“. Пристојни и културни странски политичари и бирократи, свесни за бизарноста на октроираниот акроним, но и за нашата нелагодност и фрустрација, не само како државјани, туку и како индивидуи , посегаа по креативни еуфемизми. Си ги замислувам можните варијациите на тема: изговор на зборот “MAKEDONIJA” !!! По 25 години преговори (толко долго г-дин Нимиц бил вклучен и во РЕШАВАЊЕТО на Кипарското прашање !!), македонските преговарачи, во стартот треба(ше) да ги отфрлат сега актуелните предлози на г-динот Нимиц и да предложат „СВОИ“, од (богатиот) именик на г-дин Нимиц или надвор од него, зошто тој е само МОДЕРАТОР, а не КРЕАТОР на име на „ суверена“ држава, како што се однесува.

Јас, bona fide и заради кооперативност, веднаш би прифатила две имиња од Нимицовиот именски арсенал : „НЕЗАВИСНА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА“ ИЛИ „ДЕМОКРАТСКА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА“, се разбира, со превод на англиски, француски, германски… како и во случајот на другите држави за меѓународна употреба. За обата, верувам дека нема да има проблем ниту за erga omnes употреба, ниту за идентитетот, се разбира, „доколку“ јазикот и народот си останат македонски!!!

Ако Грците инсистираат на јасна дистинкција меѓу името на нашата држава и нивните три, новосоздадени географски региони во 90-тите години(Централна, Источна и Западна), тогаш, нема подобро решение од двете горенаведени, зошто тие се differentia specifica меѓу нашата држава и регионите, оти епитететите „ демократска“ и „независна“ и приличат на држава, но не се соодветни за географски региони. Впрочем, како што укажува проф. Вилијам Дан, во прашање е КОНСТРУИРАН СПОР. . Имено, Грција не го користела зборот Македонија за ниту еден дел од својата територија до 1988 година, кога Владата на Папандреу решава да ја замени Северна Грција со Македонија.
Република Македонија беше единствената новосоздадена држава по распадот на СФРЈ ословувана како „ БИВША ЈУГОСЛОВЕНСКА РЕПУБЛИКА“, иако здравиот разум ни говори дека само Југославија беше бивша. Како може македонскиот јазик, кој беше службен покрај српско-хрватскиот и словенечкиот во рамките на југословенската федерација, сега да биде „СПОРЕН“, „ПРОБЛЕМАТИЧЕН“ и „ВЕШТАЧКИ“ ?? Како што знаеме, денес, во листата на ОН и Советот на Европа со право фигурираат и храватскиот и црно-горскиот јазик и никој не ги оспорува, па ни Република Србија , зошто се работи за елемент на правото на самоопределување на секој народ. Тажно , па и морбидно е по толку многу вредни книги на македонски јазик, по дузина книги од македонски автори преведени на светски и други јазици, по светската слава на една од најпрестижните поетски манифестации „ Струшките вечери на поезијата“, по многу слависти- македонисти ширум светот, бројни отворени и за жал запоставени и затворени лекторати, политичари и бирократи од соседната држава да ни диктираат како да ни се вика ЈАЗИКОТ, небаре сега се појавува! Па, кои се оние Македонци и нивниот македонски јазик , забележан(и) во американските и канадските пописи уште од 1897? На кој јазик беше отпечатен Букварот/АБЕЦЕДАРОТ во 1925 година во Грција и за кои деца, ако не за македончињата? Ја помните ли чувената сцена кога г-дин Васкопулос и го предаде Абецедарот на г-га Дора Бакојани на конференција на ОБСЕ??? На кој јазик зборуваа нашите баби и дедовци, мајки и татковци, на кој јазик учевме ние и учат нашите деца?
Во „надминувањето“ на разликите за името на достоинствен начин, „првата“ и „втората“ страна мора да признаат/обзнанат дека Античка Македонија не е ничие ексклузивно право, туку е цивилизациско културно наследство, дека Република Македонија не е Античка Македонија, како што ни модерна Грција не е Античка. Ниту е проблем, ниту е непознат феномен истоименоста на различни ентитети: од Република Ирска и Северна Ирска, преку Бретања и Британија, државата Луксембург и истоимената белгиска провинција, до САД и Јужна Америка….. Ама, денес , ниту има друга држава Македонија, ниту некој друг народ се нарекува „ македонски“, ниту има друг македонски јазик, освен нашиов. На ова укажаа, на 9. 03. 2006 година, 56 ГРЧКИ ИНТЕЛЕКТУАЛЦИ, главно левоориентирани , како и универзитетски професори во Петицијата објавена во „Елефтеротипија“ со која изјавуваат дека ќе не ословуваат под уставното име, како наше „ ЕДИНСТВЕНО, ЛЕГИТИМНО И ВИСТИНСКО ИМЕ“!!
Уште нешто. Во „ пакетот“ за името влегува и предлогот, во рамките на erga omnes употребата, НОВОТО ИМЕ да важи и за 137 –те држави,небаре тие не признаа под уставното име заради љубов, или моќ, а не заради вербата и почитта на Повелбата на ОН. .
Некој сака и она малку меѓународно право што остана во ОН да го згази.
Најголем СРАМ НА XXI век и на ООН ке биде, Советот за безбедност да бара од 137 држави, кои не признале под нашето име, да посегнат по „ (ре)признавање“ под НОВО ИМЕ ( непознат феномен во дипломатското право), кршејќи ги одредбите од ПОВЕЛБАТА на кои се повикале при сопствениот влез.
Врвен мазохизам и кршење на меѓународното право ќе биде (билатералните договори не може да воспоставуваат обврски за трета страна) од нас да се бара „НИЕ“, наместо да им бидеме благодарни за почитување на начелото на еднаквоста на сите членки на ОН , да бараме/ „да ги замолиме“ 137-те држави да заборават на Повелбата и на претходното признавање , зошто само така и тогаш ќе може да влеземе во НАТО и да ги почнеме преговори со ЕУ!! Како може ние кои се повикуваме на Повелбата да повикуваме на нејзино кршење.
Зарем не е државен и национален суицид сами да бараме да не не викаат така како што се викаме, туку така како што Грција, Нимиц и неколку моќни држави (меѓународна заедница!) сметаат дека треба да се викаме, во името на „добрососедските“ односи и евроинтеграцијата. Кој добар сосед се меша во вашите приватни работи?
Зарем не е правно- логичен и џентлеменски резонот на британските лордови за нашот влез во НАТО без условување со решение за името?
ЕУ е вредносно втемелена заедница. Како таква, таа не смее да се однесува евромандарински (Weiller). Преговорите под притисок и уцена не се преговори,туку диктат, заради нерамноправниот статус на оние внатре и оние надвор, кои тргнале кон ЕУ. „Спорот“ за НАШЕТО со Грција нема врска со евроинтреграцискиот капацитет. Тој, ниту ги влоши, ниту неговото евентуално решение ќе ги подобри реалните грчко-македонски односи. Која е логиката да го подржите кандидатскиот статус на Република Македонија, а да го кочите почетокот на преговорите ? Која е логиката да прифатите привремено име во меѓународните односи( иако со Резолуцијата 817 ова важи само за односите во ОН) за да можете да се интегрирате во меѓународните организации, асоцијации и заедници, а ова да не важи за НАТО и ЕУ? Која е логиката еднаш да изјавувате дека „ името не е проблем на НАТО ( изјава на Крег Ретклиф , портпарол на НАТО во Р. Македонија во 2002 год), а во 2006 да поставите услов: прво решете го спорот за името, а потем ќе влезете во НАТО).
Не можам , а да не го споменам прагматизмот, но и цинизмот и хипокризијата на оние земји што не признаа под уставното име, а потем изјавуваа(т) дека ќе прифат било кое име што ќе го договориме со Грција!!
Да се вратам на насловот : фиромизација, македониџизација, демакедонизација..
Ги помнам протестите со јасни и духовити пораки: не ме ФИРОМИЗИРАЈ!! Зошто сега нема протести под мото: не ме македониџизирај???
Дури и ако некој решил да не МАКЕДОНИЏИЗИРА, НИЕ немаме право да ги ДЕМАКЕДОНИЗИРАМЕ генерациите пред нас и по нас, прифаќајќи предлози кои што странец не може ниту да ги прочита, ниту да ги изговори… Не смееме од „БИВША“ држава ( име што ние не го користевме и не моравме да го користиме)да станеме НИКОЈА и НИЧИЈА ЗЕМЈА / TERRA INCOGNITA
Не говорам за XIX век, туку за XXI век. СРЕДЕ ЕВРОПА, при постојни ОН, СОВЕТ НА ЕВРОПА, СУД ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА, МЕЃУНАРОДЕН СУД НА ПРАВДАТА…
О TEMPORA, O MORES!!!
ГОРДАНА СИЉАНОВСКА- ДАВКОВА
П. С Топло Ви ја препорачувам книгата „ Спорот за името“, Грција и Македонија, чии редактори се Светомир Шкариќ, Димитар Апасиев и Владимир Патчев, произлезена од одличен студентски проект. Ќе се соочите со умни анализи и луцидни прашања, со видувања и одговори на многу важни личности, со ставови што радуваат и разочаруваат со (не)постојаноста.