Бакојани го менува фокусот: Решението треба да го прифати меѓународната заедница

– Ние сакаме решение што ќе го прифати меѓународната заедница во целина. Ова е целта. Бидејќи во овој момент меѓународната заедница ги нарекува Македонија. Ние сакаме едно решение што ќе ја обврзе меѓународната заедница и да ја смени одлуката за билатерално признавање и да ги нарекува со името што нема да биде иредентистичко или со барања од нашата историја, нашиот идентитет или нашата култура, вели поранешната шефица на грчката дипломатија Дора Бакојани.

Во интервју за телевизија Скај, таа го повторува ставот на Нова демократија дека не смее во никој случај да има решение во етапи, туку договорот да биде пакет.

– Ако постои страв за нешто, тоа е токму решението да се подели на делови. Односно поделбата на делови на решението може да доведе до тоа, да речеме дека најдовме едно Х име, а потоа останатите работи, иредентизмот, имплементацијата, спектарот, Уставот, итн… да ги оставиме. Ова ќе биде смртна грешка. Драго ми е што слушам дека по нашата силна реакција, барем на ниво на премиерот, во неговата реторика влегоа некои од потребните работи, рече Бакојани која сега е пратеник од Нова демократија.

Бакојани додава дека грчката Влада не ја информира опозициската партија за текот на разговорите и токму затоа одбегна да ги коментира и последната изјава на македонскиот премиер дека идентитетот не е тема во преговорите и натписите во грчките медиуми за предлогот Горна Македонија како можно решение.

Рече дека не може да каже што влегува на преговарачката маса, бидејќи не постои информација, а нејзината партија и таа лично за текот на преговорите се информираат од изјавите на Заев.

– Многу е потценувачко, ви кажувам најискрено, и за мене лично, но и за партијата што ја претставувам тука, да дознаваме од господинот Заев за преговорите во скопското прашање, рече Бакојани.

За разлика од сега, порано Бакојани беше радикална дека по секоја цена ќе биде спроведена грчката позиција. Сега сестрата на идниот извесен премиер Кирјакос Мицотакис и ќерка на екс премиер Константинос Мицотакис зборува за меѓународната заедница како фактор кој треба да го прифати новото име. Предходно меѓународната заедница никогаш не беше спомената како важен фактор во процесот за името.

SHARE