Многу храбри момци имаше вардаровиот бедем вечерва во Истанбул што резултираше со нова победа против големиот ривал. Вардар славеше и на Шукру Сарачоглу сатдионот со 2-1 и со вкупни 4-1 не остави никаква дилема околу подобриот во двојниот дуел.

Издржа Вардар вечерва постојан, силен притисок, една канонада на домаќинот од првата минута, а наградата за трудот, за потта, вложеното дојде на крајот. 0-0 на полувреме што нам ни одеше во прилог затоа што се одбранивме, а и се заканивме. Барсегјан во 41 минута од полу контра од косо го погоди левиот дирек, воздивнавме и продолживме. Пресијата на Фенербахче се засили во второто полувреме, но Гачевски бриљираше, создаваше сигурност.

Едно невнимание, мала среќа за Турците и одбиената од корнерот паѓа на ногата на Нојштатер. 61 минута 1-0. Но и по ова скопјани не губеа глава, напротив, како до тогаш, мирно, сталожено, сите концентрирани на поставеното, а Чеде Јаневски очигледно прочитал се од играта на фаворитот. И потоа дојде нашиот ред фортуната да сврти во вардаровите едра. Џигаури избега, дојде во позиција да го загрози Камени, кој во невешта интервенција самиот подари, и Вардар изедначи. Малку среќа, повеќе знаење и на 22 минути до крајот имавме резултат кој гарантира севкупен триумф.

Потоа беше полесно, Фенербахче се откажа, а за нас се отвори простор за контри. Првата по изедначувањето беше за Барсегјан, но тој во 70 минута одново се соочува со пречката од голот на Турците. Два удара во рамката, како најава за вториот гол во финишот. Стрелец беше Никола Глигоров кој ја искористи асистенцијата на Барсегјан за 2-1, за 4-1 и за прв продор на Вардар во групната фаза од Лигата на Европа. Потоа секако неизмерна радост на фудбалерите, на сите во експедицијата, на навивачите и на целата македонска спортска јавност која ќе биде сведок на шест нови загарантирани средби, во, за нас чуден термин, во текот на целата есен.

Жрепката за групите во Лига Европа е утре во 12 часот.

https://youtu.be/thjmOaGdQCo

SHARE

Оставете коментар