Почнаа ли големите странски компании да ја заобиколуваат Македонија како дестинација за инвестирање или нешто друго стои зад одлуката на германски гигант да инвестира во Србија наместо во Македонија, откако двете земји влегле во финалето при изборот меѓу 15 кандидати од Источна Европа?

Српските медиуми јавуваат дека станува збор за компанија со приход сличен на бруто домашниот производ на Хрватска, која треба да отвори погон за производство на компоненти за електрични автомобили во централна Србија. Се лицитира со имињата на автомобилските гиганти „Мерцедес“, „БМВ“, „Фолксваген“, „Дајмлер“, но ниту една од нив досега се нема огласено.

Дека Србија очекува голема инвестиција потврди претседателот Александар Вучиќ по средбата со германската канцеларка Ангела Меркел.

„Не смеам да зборувам. Молчам, бидејќи тоа е договорот со инвеститорот. Кога сè ќе договорат и завршат, тогаш ќе излезам и ќе кажам“, изјави Вучиќ.

Истиот ден, а пред средбата меѓу Вучиќ и Меркел, хрватскиот иноватор и основач на компанијата за производство на електромобили Мате Римац на својот профил на „Фејсбук“ објави дека „една голема германска автомобилска компанија доаѓа во Србија“ за да произведува делови за електрични автомобили.

„Поради проактивноста на српската Влада, договорија уште еден голем проект“, напиша сопственикот на „Римац автомобили“, додавајќи дека не е на него да објави за што станува збор.

 

SHARE