Повеќе од 3.000 луѓе веќе ја потпишаа петицијата на веб-страницата на Парламентот на Австралија, со која се бара Република Македонија да биде признаена под уставното име.

Цел на петицијата (EN0512) упатена до претседателот на Претставничкиот дом и членовите на Претставничкиот дом е Австралија да ја смени сегашната позиција дека Македонија како Поранешна Југословенска Република Македонија што било „во согласност со терминологијата на ОН“.

Во образложението на петицијата, покрената од македонската заедница, се нагласува дека 140 членки на ООН, вклучувајќи и четири од петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН (Велика Британија, САД, Русија и Кина), ја признаваат Република Македонија според нејзиното историско и уставно име.

Во духот на демократијата, основните слободи, почитувањето на човековите права и достоинството и владеењето на правото; Австралија, исто така, треба да ја признае Република Македонија според нејзиното историско и уставно име.

„Го повикуваме Претставничкиот дом да го следи примерот на Велика Британија, САД, Русија, Кина, Канада и 135 други земји и да ја признае Република Македонија според нејзиното историско и уставно име“, стои во петицијата.

Весникот „Неос Космос“ кој се дистрибуира во грчката дијаспора пишува дека единствен начин да се блокира оваа петиција е  грчките Австралијци да започнат свој петиција, барајќи од австралискиот парламент да не ја признава Република Македонија како ЌРепублика Македонија’, со надеж, се разбира, дека Грците ќе соберат повеќе потписи“.