Денес средба Димитров и Коѕиас со Метју Нимиц

По ненадејната средба на министрите за надворешни работи, Никола Димитров и Никос Коѕиас синоќа во Виена, денес фокусот се преместува на нивниот контакт Метју Нимиц.

Не е познато дали грчката страна денес ќе го претстави нацрт-планот за решение на спорот кој Коѕиас го најави за средината на февруари и за кој рече дека лично ќе го достави во Скопје, по промена на името на скопскиот аеродром, откако ќе долета од Атина и тоа ќе биде прв лет по многу години.

Мадиуми и во Грција и овде оценуваат дека денешната средба е всушност почеток на сериозните преговори, по интензивните разговори и размена на информации во претходниот период.

Коѕиас неодамна најави дека подготвува нацрт-договор од четири точки кој би требало да претставува основа за решавање на спорот, се разбира доколку биде прифатен од двете страни.

Позицијата на Атина останува непроменета: сложено име, по можност со географска определба и употреба на терминот Македонија без превод, пишува „То вима“.

„Продолжуваме да преговараме со соседите за заедничко прифаќање на решение кое не може да биде друго од сложено име со важност за секаде и за било каква употреба, ги известил своите сопартијци премиерот Алексис Ципрас на вчерашниот состанок на Парламентарната група на СИРИЗА.

Се разбира – рекол Ципрас – предуслов се уставни промени и повлекување на сите придружни иредентистички елементи“.

За преговорите за прашањето за името, Ципрас објасни дека Грција не е повикана „да даде нешто дадено од претходната влада“.

Тој објасни дека „соседите мора да се убедат да престанат да го користат терминот Македонија… и да се убедатда ги вратат имињата и симболите кои не припаѓаат на нив“.

Македонскиот премиер Зоран Заев изјави дека за Македонија е прифатливо промена на името со географска одредница, но без промена на Уставот.

SHARE

Comments are closed.