Заев му бркна во око на Села со поддршката за Мерко

Со повикот до стружани да гласаат за Рамиз Мерко во вториот круг од локалните избори на 29 октомври, Зоран Заев го навлече гневот на противкандидатот за градоначалник Зијадин Села.

Наспроти уверувањата од високи функционери на СДСМ пред само четири дена дека ќе бидат неутрални во битката меѓу ДУИ и Алијанса за Албанците за градоначалничката фотелја во Струга, партијата на премиерот синоќа се договори со „интегративците“ за поддршка на Мерко. Тој во првиот круг доби 7.916 гласа наспроти 9.289 на Села, но со пренасочување на 7.140 гласа од елиминираниот социјалдемократски кандидат Васил Ашталкоски огромен фаворит станува Мерко, иако лидерот на Алијанса може да смета на 1.060 гласа што ги доби Лавдрим Елмази од БЕСА.

Села вчера демантира излегување од Владата, но сега директно е загрозен неговиот кредибилитет откако Заев му сврте грб во градот каде што ја извршуваше највисоката локална функција пред да стане пратеник.

SHARE