Илија Димовски го спаси Никола Димитров од импичмент

Координаторот на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ во Собранието Илија Димовски пред полноќ го спаси од интерпелација министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Со својот долг заклучок по дебатата за интерпелација на шефот на дипломатијата Димовски и даде време на владеачката коалиција во последните десетина минути пред гласањето да донесе 14 пратеници во пленарната сала на парламентот и со тоа да го спаси Димитров од импичмент.

На почетокот на говорот на Димовски во Собранието имало еднаков број пратеници од власта и опозицијата и доколку Димовски се откажел од својот заклучок по дебатата постоела шанса за прв пат во историјата на македонскиот законодавен дом еден министер да замине од функцијата  по гласање за интерпелација.

На крајот на гласањето Димитров доби 57 гласови за неговото останување на позицијата министер а 43 пратеници гласаа за негова смена.

Ова е прв случај на гласање по барање за интерпелација на кое еден министер не добива просто мнозинство од вкупниот број пратеници во Собранието од владеачката коалиција.

За време на дебатата Димитров од страна на пратениците на опозицијата беше обвинет дека додека бил висок функционер и дипломат бил во чест директен контакт со Никола Груевски и затоа носи одговорност за дипломатската активност на Македонија во последните 11 години во владеењето на ВМРО – ДПМНЕ кое што сега ја критикува.