Калајџиев за Владата: Најавија нов почеток, а почнуваат со бедни лаги!

Гордан Калајџиев, кој пред неколку дена поднесе оставка од Советот за реформи во правосудството, а кој Владата во меѓувреме реши да го расформира и до крајот на месецов да основа ново тело под раководство на премиерот Зоран Заев, упати жестоки критики за односот на извршната власт кон промените во оваа сфера.

„Морам да признаам дека, за жал, почна бедно целата приказна, со една обична измама дека Владата веќе одлучила за моделот. Кога ја побарав одлуката на Владата, излезе дека не постои таква одлука и дека е тоа една обична манипулација со јавноста, што исто така е мизерно. Значи, една Влада, која навестува нов почеток, демократија, транзиција, реформи, почнува со бедни лаги! Тоа е, мислам, лош старт“, рече универзитетскиот професор на денешната трибина.

Калајџиев со критики и за формирањето на новата служба за прислушување ОТА.

„ОТА од километар се гледа дека е бебе на, УДБА ќе речев, на УБК. Значи, немаме гаранција тука, во тоа тело. Мојот предлог е телото да не го формираме, бидејќи бара трошоци. Ако ние од него немаме гарантиран позитивен исход дека тоа тело навистина ќе се раздвои од УБК, ние само ќе трошиме пари да се преселува УБК. Тоа е како јас да се преселам во друг стан. Може ќе се разведам со жена ми, ама кај мене ќе остане прислушкувањето со нова жена. Приближно некако така му доаѓа“, сликовито објасни тој.

 

SHARE

Оставете коментар