Коѕиас ќе дојде, наместо името темата е иредентизмот на Македонија

Прашањето за името нема да биде предмет на разговорите што следниот четврток ќе ги водат министрите за надворешни работи Никос Коѕиас и Никола Димитров во Скопје.

И покрај дилемите на Коѕиас дали воопшто да доаѓа во Скопје по наводниот скандал со македонскиот конзул во Канада кој држел говор пред мапа на Голема Македонија, агенцијата Мета јавува дека двајцата соговорници ќе остварат средба но на неа нема да се зборува за името туку за други теми.

Коѕиас кој во Скопје ќе пристигне со автомобил за да избегне слетување на грчкиот владин авион на аеродромот со име „Александар Велики“ со својот домаќин ќе разговара за мерките за градење на доверба и за напредокот на работните групи за новите мерки за приближување на двете земји.

Според најавите од Атина Коѕиас ќе сака да го наметне прашањето за македонскиот конзул во Торонто Јовица Палашевски кој според Грција директно провоцирал и ја прекршил времената спогодба.

Коѕиас во Скопје пристигнува во возвратна посета откако предходно во јуни Димитров замина во Атина, по што грчкиот министер изјави дека неговиот колега пристигнал целосно неподготвен.

Едно од сценаријата за кое се шпекулира е дека вистински и реални преговори за името би можеле да започнат на маргините на годинашното Генерално Собрание на ОН во третата недела од септември кога на иницијатива на САД и други западни сили би можело да дојде до состаноци поврзани со спорот за името во Њујорк.

SHARE

Оставете коментар