Коѕиас ќе дојде со предлог пакет да го пресретне притисокот од ЕУ и САД

Откако предходно во изјава за грчките медиуми го обвини неговиот македонски колега Никола Димитров дека во Атина дошол неподготвен, грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас ќе пристигне во Македонија на 31 август.

Како што пренесува дописникот на МИА од Атина посетата на грчкиот шеф на дипломатијата беше најавена уште за време на престојот на шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, во Атина во јуни годинава а сега ја објавуваат дел од грчките медиуми.

По посетата на Димитров и Коѕиас и премиерот Ципрас ја пофалија новата влада за новиот поумерен пристап и веднаш и порачаа дека без да се реши името според грчката формула „едно име со географска одредница за сите употреби“ нема шанса за влез во НАТО. Ципрас по посетата го обвини Димитров дека во Атина пристигнал без да биде подготвен да прифати компромисно име.

Сега Коѕиас според грчки извори во Скопје (или Охрид), ќе дојде целосно подготвен со пакет кој освен идеи поврзани со името ќе содржи и предлози за подобрување на соработката во области како битка против тероризмот.

Дел од пакетот се и предлозите за уривање на споменици или преименување на јавни објекти (аеродромот Александар Велики) кои според Атина се израз на македонскиот иредентизам.

Причината за ваквиот настап на Коѕиас е Грција да се прикаже како конструктивен партнер во преговорите и да се пресретне  притисокот од САД, ЕУ и Германија кој се очекува врз Грција откако Македонија го затвори спорот со Бугарија а Атина остана единствениот проблем за влез на земјава во НАТО.

Засега нема потврда од грчкото МНР за датумот и темите на посетата, но некои грчки медиуми, повикувајќи се на свои високи извори, тврдат дека прашањето за името ќе биде главна тема за која ќе разговараат министрите за надворешни работи на двете земји.

Во грчките дипломатски кругови оваа посета на Коѕијас се смета за многу важна, особено што се реализира по средбата на грчкиот министер со медијаторот Метју Нимиц во Брисел.

„Прашањето за името ќе биде во фокусот на состанокот меѓу двајцата министри, со оглед на тоа што на нивната последна средба во Атина разговараа главно за мерките за градење доверба“, информираат некои портали во Грција додавајќи дека новата македонска Влада е многу активна и се очекува од есен да почне нови контакти во Брисел со кои ќе докаже дека земјата ги исполнува копенхашките критериуми за добрососедство и демократија“.

SHARE