„Не е точно дека постои вовлекување на Република Македонија во НАТО. Ова едноставно не е точно. Уште од 1991 година, по распадот на Југославија, Република Македонија ги формулираше своите стратешки цели – членство во НАТО и во ЕУ. Но, поради проблемите што ги имаме со една земја-членка на овие сојузи, нашето пристапување кон нив, што требаше да случи пред многу години, се одложи во времето и тоа трае веќе 27 години“, изјави денеска за бугарската агенција БГНЕС првиот министер за односи со странство на Македонија по осамостојувањето Денко Малески.

„Ова е процес за членство во НАТО кој има целосен консензус и политички консензус меѓу сите политички партии во Република Македонија“, вели професор Малески и додава дека во никој случај не треба да се мисли дека нешто е измислено поради сегашните односи меѓу Русија и Запад. Но, зголемените тензии меѓу нив придонесуваат за таква реторика, смета Малески.

„Според мое мислење, ова нема да ја спречи Република Македонија да го следи патот што го зацртала. Уште повеќе, оваа конфронтација може да доведе до зголемување на притисокот на Западот врз Грција за усвојување на компромисно решение кое ќе и овозможи на Македонија да се приклучи на Северноатлантскиот пакт“, вели Малески.

Тој додава дека Русија користи реторика својствена за студената војна, но, според него, нема некој посебен интерес на Русија во Македонија.

„Логиката на Студената војна беше: ако можете нешто да му расипете на вашиот непријател, тоа е за ваша корист. Ова е вистина и денес – ако може да се расипат плановите на Западен Балкан да влезе во НАТО, тоа е во корист на Русија“, вели Малески.

Тој се надева таквиот притисок само ќе го забрза процесот на донесување одлуки и да ги наведе западните сојузници да ѝ помогнат на Македонија да го надмине овој проблем и да стане членка на НАТО, вели Малески за БГНЕС.

Денеска, руското Министерство за надворешни работи ја предупреди Македонија за последиците од зачленувањето во НАТО. 

 

SHARE

Comments are closed.