Кошаркарите на МЗТ Скопје загубија и во последното 22. коло во АБА конкуренцијата и останаа убедливо последни на табелата. А мечот на црногорското крајбрежје мина каква што впрочем беше целата сезона, со дебакл пораз кај Морнар од 106-75. Во Бар вечерва сините како да сакаа да не утешат за претходните разочарувања, па одново не прикажаа ништо, рано загубија, по што се наметнува констатацијата дека ние годинава немавме состав за игра, за рамноправен настап со балканската кошаркарска конкуренција.

Фрустрирачки беше и денеска кога уште по десет минути МЗТ губеше со 16 разлика (29-13), и слично како и до сега, една добра и добиена четвртина (28-21) и приближување на полувреме, но потоа, нов пад и за крај вистински потоп.

Тешко е да зборуваме за најефикасните, за најдобрите кај нас иако од мечот во Црна Гора за издвојување е Марко Симоновски со 27 поена, кога шестата сезона во Јадранската лига ја завршуваме со само 3 победи, 19 порази и кош негатива од минус 369 што прави депримирачки просек од 20 коша по средба.

SHARE